• сабота, 09 декември 2023

Во Тетово се одбележаа 79 години од загинувањето на 19 тетовски партизани во мавровското село Беличица

Во Тетово се одбележаа 79 години од загинувањето на 19 тетовски партизани во мавровското село Беличица

Тетово, 21 септември 2023 (МИА) – Во Тетово денеска беше одбележана 79 годишнината од настаните во 1944 година кога загинале и се убиени 19 тетовски партизани. Седумнаесет од нив се убиени во масакрот во мавровското село Беличица, а двајца партизани Андреа Христоски – Шварц и Младен Симоски – Требош,кои биле заробени два дена подоцна на 21 септември се стрелани во дворот од црквата Свети Никола во Тетово.

Во дворот од оваа црква се наоѓа и нивното спомен обележје, каде секоја година се одбележува и годишнина од настаните во Беличица и Тетово, со цел да се зачува споменот на нивната борба за ослободување од фашистичката окупација.

Денеска беше извршена и панихида. 

- По настаните во село Беличица кои се случија на 19 Септември 1944 се случи уште едно ѕверство од страна на фашистичките слуги на окупаторот. После невидениот масакр и палењето на селото, во борбите во селото Беличица, беа заробени и подоцна по наредба на злосторникот Џемо Хаса, пред присилно насобраните тетовци беа стрелани тројца борци од Третиот тетовски партизански одред, Андреа Христоски – Шварц, Младен Симоски – Требош, додека Сретен Тофилоски, иако ранет со девет куршуми, не им подлегнал на повредите и бил помилуван. Настаните, кои се случиле во село Беличица, треба да нè потсетуваат и истовремено да нè опоменуваат нас, но и идните генерации на црнилата на фашизмот и страдањата кои тој ги носи, изјави Јоцко Димитриевски од Сојузот на борците.

На одбележувањето покрај семејствата на партизаните, присуствуваа претставници на Сојузот на борци од Тетово, политички партии, здруженија на граѓани, ученици, жителите на Тетово и почитувачи на народноослободителната борба. Во мавровското село Беличица во 1944 година покрај партизаните, биле убиени и 17 жители на селото меѓу кои жени и деца. ас/цр

фото : МИА

Остани поврзан