• сабота, 20 април 2024

Во Тетово изведена театарската претстава „Професионалец“ од Душан Ковачевиќ

Во Тетово изведена театарската претстава „Професионалец“ од Душан Ковачевиќ

Тетово, 10 јуни 2023 (МИА) - Во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ синоќа беше претставата „Професионалец“ по текст на српскиот драмски писател Душан Ковачевиќ, а во режија на Саше Серафимовски. Тетовската публика имаше прилика на еден невообичаен начин да ја погледне театарската игра проследена со снимен аудио наратив на приказната. Актерите ги пренесоа судбините на два човечки животи кои поради општествените прилики беа како осудени еден на друг.

Во приказната главниот лик Тодор Кралевски, уредник во издавачка куќа се сретна со Мирослав Кукањац, полицаец, кој го следел целиот живот па евидентирал голем број негови животни згоди и незгоди, доволни за ново драмско дело. Кај публиката измами насмевки, но и воздишки проследени со солзи.

- Сметам дека емотивниот момент беше клучен. Во текстовите има на Душан Ковачевиќ, има многу осцилации, еден момент сте тука, па друг момент подолу или погоре. Сите текстови на Ковачевиќ се брилијантни и само треба да знаете што сакате направите. Најмногу ги допре публиката тешките емоции на Тодор Кралевски, делот со мајката и со татковиот часовник. Ова е тажна комедија, рече Саше Серафимовски, кој освен режијата ја толкуваше и улогата на Тодор.

Раде Наумчевски кој ја одигра улогата на Мирослав на овој начин одбележа 50 години активно учество во аматерското драмско студио при Центарот за култура.

- Презадоволен сум од нашата тетовска публика која секогаш не наградувала со громогласни аплаузи. Благодарам на публиката аплаузите во овие 50 години. И што да речам, ќе бидам среќен ако правам и други проекти за да бидеме зближени со нашата тетовска публика, изјави Наумчевски.

„Професионалец“ се подготвуваше два и пол месеци, а реприза ќе има во септември. ас/сп/

фото МИА 

 

Остани поврзан