• четврток, 28 март 2024

Во Кочани се одржа регионална информативна обука за третата Програма за прекугранична соработка со Бугарија

Во Кочани се одржа регионална информативна обука за третата Програма за прекугранична соработка со Бугарија

Кочани, 1 јуни 2023 (МИА) – Центарот за развој на Источниот плански регион денеска во Кочани организираше информативен ден со обука за аплицирање со проектни концепти во рамки на третата INTERREG VI-A IPA програма за прекугранична соработка со Република Бугарија.

На претставувањето, на кое присуствуваа претставници од јавниот, граѓанскиот и бизнис секторот од регионот, беше нагласено дека се работи за прв повик за поднесување предлог проектни идеи со специфична цел „Развој на атрактивен туристички производ за сите сезони“, а што ќе се реализираат во периодот до 2027 година.

- Со одлуката што кон крајот на минатата година во Брисел ја донесе Европската комисија, одобрени се средства што ќе се инвестираат во три приоритети: посилен прекуграничен регион со финансиска рамка од 5,2 милиони евра, поповрзан прекуграничен регион со 1,3 милиони евра и интегриран развој на прекуграничниот регион за што се наменети над 15,5 милиони евра. Третиот приоритет е замислен да поддржи проекти со фокус на специфичните потреби на регионот, односно активности за развој на целосни, интегрирани и одржливи туристички производи, потоа за зголемување на производствениот капацитет на микро, малите и средните претпријатија и за проширување на нивната активност на нови пазари и производи, истакна Татјана Јаневска, програмски офицер во Министерството за локална самоуправа.

Според Јаневска, актуелните политички прашања воопшто не влијаеле за намалување на интересот за соработка меѓу општините од Североисточниот, Источниот и Југоисточниот плански регион, од македонска и од Благоевградската и Ќустендилската област, од бугарска страна.

- Во овој програмски период не сакаме да поддржуваме проекти што се еднолични, со таканаречен огледало ефект, туку преку партнерска иницијатива да воспоставиме проекти што ќе овозможуваат повеќесекторска соработка, но и подигање на повисоко ниво на соработката меѓу регионите од двете држави. Меѓу приоритетите за нас ќе биде докомплетирањето и пуштањето во функција на граничниот премин Клепало кај Берово, унапредување на заштитата на животната средина и понатамошно промовирање на туристичките потенцијали во регионот, истакна Андреа Златковска од Центарот за развој на Источниот плански регион.

На претставувањето на новата програма за прекугранична соработка со Бугарија беше нагласено дека во изминатите години ИПА инструментот бележи висок процент на реализација и досега се склучени 170 договори за грантови на проекти што успешно завршуваат со имплементација. та/цр

фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан