• понеделник, 15 април 2024

Во Кочани се одржа втората урбана „Rotary run“ трка

Во Кочани се одржа втората урбана „Rotary run“ трка

Кочани, 28 мај 2023 (МИА) – Над 270 натпреварувачи од повеќе градови во државата учествуваа на втората урбана „Rotary run“ трка што денеска се одржа во Кочани, а чиј организатор беше Ротари клубот Кочани – Виница.

Се трчаше по улиците во централното градско подрачје на Кочани, на патеки со должина од 10,5 и 2,5 километри, во женска и машка конкуренција, како и во категоријата Family run.

Првото место на 10 километри во женска конкуренција го освои Тамара Јолевска Попов од атлетскиот клуб „Атомик“ од Скопје, која е минатогодишна државна првенка во маратон. Златниот медал и првото место во машка конкуренција му припадна на маратонецот Дарио Ивановски, кој е најдобар македонски атлетичар, двократен балкански шампион и кандидат за учество на Олимписките игри 2024 во Париз.

Патеката од пет километри најбрзо ја истрчаа Анастасија Христова во женска и Григорио Никовски во машка конкуренција. Во категоријата Family run признанија им беа доделени на Николчо Костадинов и Панче Саздов кои трчаа со своите семејства.

-Задоволни сме од интересот за учество и од квалитетот на натпреварувачите на годинашната трка, со што ја исполнуваме нашата основна цел за промовирање на здравиот начин на живеење, зачувување на животната средина и избегнување на користењето моторни возила колку што е можно. Имавме учесници од најразлични возрасти, од кои најголем дел беа млади, со што се остварува замислата да ги поттикнеме помладите да рекреираат и спортуваат, дека може и треба да се живее здраво, истакна Сашко Андонов, претседател на Ротари клубот Кочани- Виница.

Најдобрите тројца натпреварувачи во секоја категорија, освен медали и признанија, добија и парични награди. Поддршка во организацијата на трката дадоа Американската агенција за меѓународен развој УСАИД, Фондацијата за локален развој од Штип и дваесетина приватни компании од регионот.та/вј/

фото: МИА

Остани поврзан