Во Кавадарци настан за платформата „Локал актив", проект за поттикнување на граѓанскиот ангажман од страна на невладини организации
- Во Младински центар Кавадарци денеска беше реализиран настан за платформата „Локал актив", проект за поттикнување на ангажман од страна на невладините организации, истражување со младата популација од Вардарскиот регион.

Скопје, 21 септември 2023 (МИА) - Во Младински центар Кавадарци денеска беше реализиран настан за платформата „Локал актив", проект за поттикнување на ангажман од страна на невладините организации, истражување со младата популација од Вардарскиот регион.
На средбата беше појаснето дека платформата ,,Локал актив" е замислена на тој начин што претставници на невладини организации, алармираат за одредени проблеми со кои се соочуваат одредени категории на луѓе, пишуваат за нив и придонесуваат за промени. Финансирањето на проектот е од Националната фондација за демократија (НЕД).
Снежана Трпевска од Ресис Институтот за истражување на општествениот развој, појасни дека станува збор за интернет платформа, медиум на заедницата, поразлична од другите видови медиуми, што веќе постои во други региони во државата, а за неколку месеци ќе профункционира и во Вардарски регион. Целта е, како што нагласи, да им се даде глас на граѓанските организации и видливост на локалните теми.
Игор Мицевски, од овој Институт, додаде дека целта е да се вклучи заедницата, да се вклучат невладините организации во решавањето на локални проблеми, преку објавување на содржини на платформата. За да се чуе нивниот глас, за да се канализира проблемот и да се бараат решенија.
- Да има раздвижувања и да се предизвикаат надлежните да ги решаваат проблемите. Локалните организации да партиципираат во отварањето на одредени проблеми за кои ќе се бараат решенија. Нема комерцијален интерес во нашата работа. Не сме тука за да бидеме конкуренција на сите други видови медиуми, туку да се чуе гласот на секој еден, подвлече Мицевски. свд/цр
Фото : МИА