• четврток, 25 април 2024

Во Делчевско акција за пошумување и обнова на површините опожарени во 2021 година

Во Делчевско акција за пошумување и обнова на површините опожарени во 2021 година
Делчево, 27 март 2023 (МИА) - Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со ЈП Национални Шуми денес организираше акција за пошумување и обнова на опожарена површина со пожарите од 2021 година на територија од општина Делчево. 
 
Како што истакна Саша Јовановиќ, раководител на Сектор за шумарство во МЗШВ, согласно програмата за проширена репродукција на министерството за оваа 2023 година предвиденое  пошумување на површина од 51 ха, каде ќе се засадат околу 102.000 садници.
 
-Денес присуствуваме на акција за санација на пожарите од катастрофалните пожари кои го зафатија овој терен пред 2 години. Во Програмата за оваа година е предвидено да се санира површина од 51 хектар. По исчистувањето на теренот,  се пошумува со црн бор и багрем, така што ќе создадеме мешана шума и во иднина, како таква, ќе биде помалку подложна на шумски пожари. Државата за оваа намена инвестира за санација на опожарените површини на 153 хектари за санација од пожарите од 2021 година, истакна Јовановиќ.
 
Маре Басова, помошник директор во ЈП Национални шуми од секторот за одгледување, подигање, екологија и лов додаде дека во рамки на денешната акција се засадени околу 3000 садници, а главна цел е создавање мешовити насади со цел намалување на катастрофалните последици при идна појава пожари.
 
-Пошумувањето ќе се врши со видови садници за да се создадат мешовити насади со цел доколку има пожари, да не бидат штетите толку катастрофални,  бидејќи, како што велат експертите, една од причините за катастрофалните последици од шумските пожари се монокултурите на шумите. Законски ЈП треба да почека рок од 2 години за да се согледа дали има природна обнова на опожарената површина. На оваа површина нема природна обнова, додаде Басова.
 
Околу настанатите штети од пожарите во 2021 година, државниот советник за земјоделство Трајан Димковски на новинарско прашање одговори дека постапката е во тек, напоменувајки дека елаборатите се доставени од Општинската комисија за штети, а во моментот се работи на докомплетирање на самите барања од страна на Републичката комисиија за штети
 
-По комплетирање на барањето, самата Комисија доставува информација до Владата, каде се утврдува процентот. Инаку овие акции организирани од Национални шуми и од МЗШВ, ова е економска област која е многу значајна за животната средина, ерозијата, воздухот, рече Димковски.
 
Во денешната акција за пошумување кај месноста Браниград кај селото Стар Истевник како што додаде директорот на подружицата ,,Голак" Љупчо Петровски се вклучени вработени во повеќе општински институции.
 
-Се пошумува денеска на месноста Браниград, на  опожарено место и  по плановите се врши санација на опожареното подрачје.  Овие денови кои се со поволни временски услови сакаме да ги искористиме. Во акцијата имаме  помош од Општина Делчево. Инаку, максимално ќе ги искористиме поволните временски услови за што поголема површина за засадиме со садници багрем, бор, јасен, јавор, рече Петровски.
 
Акција за пошумување беше реализирана и претходната недела, а како што додадоа од подружницата на ЈП Национални шуми, ваквите акции ќе продолжат и во наредниот  период. вс/
 
Фото: МИА

Остани поврзан