• среда, 17 јуни 2026

Во Битола отворена државна изложба „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“

Во Битола отворена државна изложба „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“

Битола, 20 мај 2026 (МИА) - НУ Центар за култура-Битола ја промовира 51. Државна изложба на тема „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“, на која годинава стручната жири комисија селектира за експонирање 432 детски творби од 41 колекција на ликовни творби од основните училиште во земјава.  

Изложбата за отворена ја прогласи претседателот на Советот на Општина Битола Бојан Бојкоски кој истакна дека изложбата не е само простор каде се претставуваат детски цртежи, туку таа е огледало на детската креативност.

-Децата ни покажуваат како ја доживуваат нашата традиција, нашите обичаи, носии, песни и игри кои со векови се пренесуваат од генерација во генерација. Во време на брзи промени и современи предизвици, особено е важно да ја чуваме и негуваме народната традиција бидејќи таа не е само спомен на минатото, таа е наш идентитет, наш корен и наша инспирација за иднината, посочи Бојкоски.

Според директорот на НУ Центар за култура-Битола, м-р Сашо Илковски, најновото издание на државната изложба на детски ликовни творби во Битола претставува уште една значајна потврда за неисцрпната креативност, искреноста и уметничката имагинација на најмладите творци.

-Преку боја, форма и симболика, децата создаваат автентични дела инспирирани од народната носија, музика, архитектура, легенди и секојдневниот живот на нашите предци, покажувајќи дека културното наследство не е само спомен од минатото, туку жива инспирација за идните генерации. Оваа изложба претставува простор каде традицијата и детската фантазија се спојуваат во уникатен визуелен свет, потврдувајќи дека уметноста е мост помеѓу минатото, сегашноста и иднината, нагласи Илковски.

Државната изложба на детски ликовни творби на тема „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“ е една од најстарите и најреномираните во рамките на својата тематска ориентација во земјава, нагласи м-р Валентин Соклевски.

-Овој културен настан, својата инспиративно - креативна мисија ја исполнува веќе повеќе од пет децении во континуитет, со што докажува  дека темата поседува универзални и уникатни вредности кои со текот на времето добиваат нова свежина и иницирачки потенцијал. Народната култура со своите безвременски вредности овозможува новите генерации да го почувствуваат уметничкиот сенс на безбројните неимари од минатите времиња и да отвори пат кон своја надградба и артистичка профилираност како спој меѓу минатото и иднината. Спојот меѓу народната култура, младоста, стручноста и искуството овозможи и оваа година да се стави бесценето камче во богатиот мозаик на културните вредности кои извираат од врутокот на традицијата и создаваат река на уметничкиот континуитет, истакна Соклевски.

Според востановената традиција, на учесниците им беа доделени признанија, а специјална награда за континуирано четири пати по ред добиена награда за најдобра колекција им беше врачена на претставници на оцновните училишта „Димче Ангелов-Габерот“ од Демир Капија и „Никола Карев“ од Крушево.мт/вј/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа