• сабота, 09 декември 2023

Влада: Изборот на Скопје за Европска престолнина на културата е огромен успех за македонската култура

Влада: Изборот на Скопје за Европска престолнина на културата е огромен успех за македонската култура

Скопје, 21 септември 2023 (МИА) - Владата ја поздрави одлуката на Европската комисија со која Скопје ја доби титулата „Европска престолнина на културата за 2028 година“. Изборот на Скопје за престолнина на културата во Европа за 2028 година, како што се наведува во соопштението од владината прес-служба, е успех за македонската култура и признание за влогот на Владата во заложбите за негување на културното богатство и на европските вредности.

Во конкуренција на Будва, титулата европска престолнина на културата за 2028 му припадна на Скопје, со што започнуваат подготовките за годината во која ќе се слават македонската и европската култура.

Институциите, како што се наведува во соопштението, заеднички се подготвени да одговорат на предизвикот и под европското и македонското знаме да ја подигнат креативната енергија и на граѓаните и на државата и да ги отворат вратите за македонската и европската култура.

- Сите скопјани и сите македонски граѓани, без разлика на нивната етничка, верска, родова, социјална, културолошка и каква било друга определба, се обединети во задоволството нивниот град, нашето Скопје, да ги отвори ширум портите и со својата култура да ја прегрне културата на Европа. Од центарот на Европа, директно во срцето на Балканот, изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска по соопштување на одлуката.

Повикувајќи на креативна мобилизација, министерката за култура најави дека сите национални установи и институции на културата ќе бидат во служба на „Скопје 2028“, додавајќи дека ова е  заедничка инвестиција во една незаборавна година во која Скопје ќе биде достојна и впечатлива европска престолнина на културата.

Костадиновска-Стојчевска оцени дека на титулата гледа како на заедничка придобивка преку која со нашите национални културни вредности ја збогатуваме колоритноста на идентитетската карта на Европа и создаваме заеднички културен простор во кој сите се добредојдени.

За успешна подготовка за годината кога во Скопје ќе се вкрстат европската и домашната култура, министерката Костадиновска-Стојчевска посочила дека од полза се сите заложби и резултати што како држава и култура ги постигнуваме низ регионалната соработка и преку разни иницијативи и програми. цр/бак/

Фото: Влада на РСМ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан