• вторник, 13 октомври 2026

Високиот комесаријат за човекови права бара од Москва да ја укине забраната за единствената антивоена партија во Русија

Високиот комесаријат за човекови права бара од Москва да ја укине забраната за единствената антивоена партија во Русија

Женева, 12 август 2026 (МИА) – Канцеларијата на Високиот комесаријат на ОН за човекови права ја повика Русија да ја укине забраната за партијата „Јаблоко“, која важи за единствена антивоена политичка формација во земјата, и да ѝ овозможи учество на парламентарните избори закажани за септември.

„Длабоко сме загрижени поради исклучувањето на 'Јаблоко', една од најстарите руски политички партии, од парламентарните избори во септември. Ги повикуваме властите да ја укинат оваа забрана“, соопшти Високиот комесаријат во објава на социјалната мрежа Икс.

Реакцијата на ОН следува откако Врховниот суд на Русија во понеделникот ѝ забрани на „Јаблоко“ да учествува на изборите, уважувајќи ја жалбата на прокремљовска националистичка партија против претходната одлука на Централната изборна комисија. Со оваа судска одлука, гласачите кои се противат на војната во Украина се лишени од можноста да поддржат политичка опција што се залага за прекин на конфликтот.

Додека повеќето политички противници на рускиот претседател Владимир Путин се наоѓаат во затвор, во егзил или се починати, „Јаблоко“ останува единствената либерална партија што сè уште легално функционира во земјата. Во пресрет на изборите, партијата доби поддршка и од неколку опозициски фигури од странство, меѓу кои и од Јулија Навална, вдовицата на опозицискиот лидер Алексеј Навални, кој почина во затвор во 2024 година.

Според последните анкети на јавното мислење, партијата „Јаблоко“ ужива поддршка од околу три проценти од гласачите, што е под изборниот праг од пет проценти за влез во Државната дума. ссм/

фото: архива

Можно е и ова да ти се допаѓа