• петок, 16 октомври 2026

„Велт ам зонтаг“: Руски и белоруски државјанин осомничени за обид за напад врз аеродромскиот центар во источна Германија

„Велт ам зонтаг“: Руски и белоруски државјанин осомничени за обид за напад врз аеродромскиот центар во источна Германија

Берлин, 12 септември 2026 (МИА) – Германските истражители се сомневаат дека припадник на руската воена разузнавачка служба (ГРУ) бил директно вмешан во планирањето на „хибриден напад“ со дрон опремен со експлозив врз аеродромот во Лајпциг во август, објави денеска германскиот весник „Велт ам зонтаг“, пренесе Хина.

Според информациите на весникот, Русинот Олег Ле, идентификуван како припадник на ГРУ, е осомничен дека ја координирал логистиката за планираниот напад врз аеродромот во источна Германија, кој инаку служи како важен центар за транспорт на воена опрема. Германските власти го идентификувале и вториот осомничен, белорускиот државјанин Андреј Ка. Осомничените биле откриени врз основа на ДНК-докази пронајдени на местото на настанот.

Инцидентот се случил доцна навечер на 4 август, кога во обезбеден простор во товарниот дел на аеродромот во Лајпциг, во непосредна близина на украински товарен авион, бил откриен дрон со експлозив. Истражителите веруваат дека експлозивот употребен за нападот бил пренесен во Германија скриен во камиони што минувале низ Бугарија и Србија.

Германските служби утврдиле дека Олег Ле пристигнал во Германија од Турција, а по настанот заминал за Србија преку берлинскиот аеродром. Се верува дека тој во меѓувреме се вратил во Русија. Иако германските власти претходно знаеле за неговите врски со ГРУ, тој не бил ставен под надзор по влезот во земјата. Директните летови меѓу Русија и Германија се во прекин по почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година.

По откривањето на случајот, Берлин презел дипломатски и заштитни мерки против Русија, меѓу кои и затворање на рускиот конзулат во Бон и рускиот културен центар во Берлин. Официјална Москва ги негира сите обвинувања за вмешаност во инцидентот. ссм/

фото: архива