• четврток, 28 март 2024

Велешата библиотека „Гоце Делчев“ со богата програма го одбележа раѓањето на својот патрон

Велешата библиотека „Гоце Делчев“ со богата програма го одбележа раѓањето на својот патрон
Велес, 3 февруари 2023 (МИА) - Локалната библиотека „Гоце Делчев“ со богата програма денеска го одбележа 4 февруари -151 година  од  раѓањето на својот патрон, македонскиот револуционер и стратег Гоце Делчев. Во рамки  на програмата беа доделени и наградите по распишаниот  литературниот и фотоконкурс за учениците како и традиционалните пофалница за најчитатели на библиотеката за 2022 година.

Од библиотеката денеска потсетија на познатата мисла на Гоце Делчев - „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар“.

Тие потенцираа дека затоа денеска во локалната библиотека, храмот на културата, мудроста, институцијата која го носи неговото име го чествуваа неговото раѓање, токму со културен натпревар, натпревар на пишаниот и читаниот збор.

Пред присутните гости, почитувачи на пишаниот збор, вљубеници во литературата, естетиката, фотографијата и музиката беше прикажан видеозаписот за животот и делото на Великанот.

Беа доделени наградите за најчитатели во повеќе категории, како и наградите на литературниот конкурс и фотоконкурсот.

Доделени беа благодарници на сограѓани коишто донирале книги. Посебна благодарница доби семејството Здравковски за подмирување членарина на сите новозапишани ученици во септември оваа учебна година.

 За највозрасен читател пофалница доби Марија Питиќова, а за најчитател Ацо Давчевски.

Во одделот за деца на најмлад читател пофалница доби Петар Димов, а Искра Ивановска за најчитател.

 За подрачната библиотека во Градско во одделот за возрасни за најчитател беше прогласена Љубица Велинова, а во одделот за деца Марија Будимова.

 Програмата беше збогатена со драматизацијата на расказот „Табакерата“ од Ѓорѓи Абаџиев од страна на учениците од ООУ „Св.Кирил и Методиј“ под менторство на Билјана Коџабашиева.

 Присутните уживаа во звуците на музичките нумери „Заветна“ и „Налеј, налеј “ во изведба на м-р Трајче Малинов кавал и м-р Илија Настовски пијано.ад/см/

Остани поврзан