• петок, 19 април 2024

Брејтвеит за МИА:  Компаниите препознаваат дека зелената агенда e значајна во нивното работење

Брејтвеит за МИА:  Компаниите препознаваат дека зелената агенда e значајна во нивното работење

Тиват, 10 мај 2023 (МИА) - Компаниите препознаваат дека зелената агенда е важна за нив. Заклучокот е дека мора да ја интегрираат оваа агенда во своето работење, вели во видео интервју за МИА, Билјана Брејтвеит организатор на Самитот на Западен Балкан што се одржа во Тиват, Црна Гора.

Смета дека сите влади на земјите од Западен Балкан треба да имаат стратешки планови за инвестиции во животната средина, а пари на располагање има од страна на фондовите на ЕУ и банките.

Што се однесува до поставувањето на фотонапонски панели и производство на енергија од Сонце, кое како инвестиција стана тренд на Балканот, Брејтвеит забележува дека инвеститорите треба да внимаваат каде ги поставуваат, бидејќи за нив мора да има инфраструктура, но и добри електропреносни системи.

Како експерт за човекови права и антикорупција порачува дека предизвиците во битката со  корупцијата, влијаат и врз странските инвеститори.

Интервјуто заедно со видео материјалот го пренесуваме во целост:

Госпоѓо Брејтвеит на едно место собравте над 400 учесници и 150 компании од земјите на Западен Балкан. Од панел дискусиите, кои се првите заклучоци што можете да ги извлечете. Постојат ли добри практики во делот на заштитата на животната средина?

- Ви благодарам пред се што ни се придруживте на Самитот. Од самиот почеток сакавме ова да биде вистински регионален самит, успеавме и во тоа и вие ни помагате, бидејќи ќе ги пренесете пораките на својата публика. Самитот, како што рековте собра голем број на компании, министри, носители на одлуки од регионот, претставници од невладиниот сектор и заклучокот е дека ова е прво нешто што му е премногу потребно на регионот, бидејќи инвестиционите и регулаторни притисоци, како и притисоците на нашите заедници се дека компаниите мора да ја интегрираат оваа агенда во своето работење. Дали има добри примери? Да, има и ние слушнавме искуства на некои компании, финансиски институции, кои оваа агенда веќе ја интегрираат. Меѓутоа, патот е пред нас и тоа држи. Сметам дека одбравме добар момент, а за тоа сведочи и интересот за Самитот. Компаниите препознаваат дека оваа агенда е многу значајна. Ние сме многу благодарни на поддршката на една компанија од Северна Македонија, тоа е винаријата „Тиквеш“, која и самата има сработено многу во оваа област.

Сите земји од Западен Балкан треба да ги задоволат стандардите во делот на животната средина пред да влезат во ЕУ. Но, сите имаат речиси исти проблеми, а тоа е што немаат доволно пречистителни станици што би ги прочистиле отпадните води и би имале чисти реки и езера. Исто така немаме и современи системи за депонирање на отпадот. Како земјите од Западен Балкан можат да го решат овој проблем? Имаме некои донации, фондови од ЕУ, но ми се чини дека тоа не е доволно. Дали бизнис секторот може да влезе во оваа приказна?

- Јас прво би видела дали ние имаме доволно системски решенија и доволно добри проекти што ги нудиме на ЕУ и на другите инвеститори како што се ЕБОР и Европската инвестициона банка кои се подготвени да инвестираат во вакви проекти. Она што се покажува во сите земји во регионот е дека има повеќе определени средства за нашиот регион, отколку што ние ги користеме. Тоа е затоа што не нудиме добри проекти. Од компании кои се занимаваат со рециклажа ќе слушнете „Ние со задоволство би изградиле погон во Србија или Црна Гора, но  системот не ни гарантира континуирано доставување на отпад, кој треба да се рециклира“. Ние во нашите општини не сме организирани на начин на којшто би го ангажирале приватниот сектор. На приватниот сектор треба да му понудите некои системски решенија, некоја законска регулатива и потоа тоа може да се сработи со некои меѓународни финансиски институции и приватниот сектор. Но, сметам дека за ваквите инвестиции првиот чекор е на Владата која треба да има стратешки планови.

Дали тоа значи дека и граѓаните, населението на Западен Балкан треба да се едуцира за селекција на отпадот. Такви примери се ретки и ги има во одредени градови?

- Апсолутно. И тоа е нешто што денес во 2023 година не можеме да го препуштиме само на совеста на секој граѓанин. Не треба да измислуваме нови решенија, само треба да погледаме како на пример тоа го имаат решено во Западна Европа. Оние кои живеат на запад ќе ви објаснат како и какви казни има на пример во Швајцарија за тоа ако погрешно го селектирате отпадот или тоа го сторите во погрешен ден. Тоа се навики.  Ние многу сме посветени и фокусирани на обновливи извори на енергија, што е многу добро, но не се фокусираме на енергетската ефикасност. Почетокот е штедење на енергија, а потоа се останато е надоградба. На пример да се направи добра термоизолација, да се води сметка да не се троши енергијата. Тоа е нешто што треба да го интегрираме и едноставно мораме да ги вметнеме во секојдневното однесување, да стекнеме некои навики и на тој начин секој од нас ќе даде придонес. Така што, тоа е навистина едукација.

Во земјите од Западен Балкан, а особено во нашата земја Република Северна Македонија хит е поставувањето на соларни централи и тоа на плодно земјоделско земјиште, со што се доведува во прашање дали ни е потребно производство на храна или производство на енергија од Сонце. Потребно ли е да се унифицираат стандардите и критериумите за поставување на фотоволтаици на Западен Балкан?

- За тоа малку слушнавме и на панелот и секако аспектите и регулативата зависат од земја до земја и недостасуваат. Не е решение само да се постават тие панели, туку морате да имате инфраструктура, да ги гледате и патиштата кои таа енергија ќе ја доведат. Тоа е нешто за што голем број на земји во регионот се мачат, немаме електропреносни системи, кои можат да ги следат тие нови капацитети и тие нови инвеститори кои се појавуваат и сакаат да вложат во овие извори на енергија.

Вие сте експерт за човекови права и за антикорупција. Оваа тема е актуелна на Западен Балкан, во секоја пора ја имаме корупцијата. Колку се почитуваат човековите права и дали може да се избориме со корупцијата во нашите системи?

- Можам да направам поврзување меѓу овие две теми. Затоа што темата за ЕСГ премногу се поврзува само за зелена агенда. Тоа е еден од аспектите, а другите се тие социјални компоненти- почитување на човековите права, работничките права, правото на оние кои живеат во заедницата и на крајот корпоративно управување и одговорно управување, кое вклучува и транспарентност на работата на управните одбори, на тендерските постапки итн. Така што тие наши предизвици што ги имаме со корупцијата всушност влијаат и на нашиот потенцијал да ги привлечеме странските инвеститори, бидејќи сериозните странски инветстори, онакви, какви што ние сакаме да ги видиме во регионот, кои ќе работат не само за сопствен интерес, туку и во интерес на заедницата и на идните генерации, ќе бараат гаранции да има владеење на правото, да се намали ризикот од корупција, бидејќи тоа се некои ризици што тие ги имаат во Западна Европа, како и глобално и не можат да ги прифатат во своето работење. Така што ние на оваа тема имаме многу работа и јас нема да се откажам од човековите права и борбата против корупцијата, но сакав да кажам дека тие две агенди се всушност блиску поврзани. Ние не можеме да очекуваме економска благосостојба, додека немаме добро владеење на правото и додека не се избориме против корупцијата.

Колку земјите од Западен Балкан ги користат парите од фондовите на ЕУ, конкретно за животна средина?

- Сите земји ги користат фондовите, мислам сите земји ги имаат фондовите на ЕУ кои ги користат повеќе или помалку. Видовте дека зелениот план за Западен Балкан, некои први проекти кои беа одобрени, ми се чини дека беше проект од Србија, Косово и Северна Македонија, но не и од Босна и Херцеговина и од Црна Гора, не заради тоа што никој не ги сакал нивните проекти, туку затоа што проектите во тој момент не биле подготвени на задоволителен начин. Така што повторно се враќам на она дека ние ги користиме средствата, но тие средства ги има многу повеќе, а тоа и денеска го слушнавме од Европската банка за обнова и развој. Нашите апсорпциони, технички  капацитети да ги повлечеме тие средства  не се на ниво на задачата.

Викторија Димитрова-Јованова

Фото: Јованка Јанкоска

 



 

Остани поврзан