• понеделник, 13 јули 2026

Бида Оручоска, со песничката „Сонце во нас“, победник на детскиот фестивал „Радика Фест 2026“

Бида Оручоска, со песничката „Сонце во нас“, победник на детскиот фестивал „Радика Фест 2026“

Дебар, 7 јуни 2026 (МИА) - Во концертната сала на Центарот за култура во Дебар се одржа 17-то издание на детскиот музички фестивал на македонски јазик „Радика Фест 2026“. 
 
Беа изведени 13 нови авторски композиции а за најдобра, стручното жири ја прогласи песничка „Сонце во нас“ во изведба на Бида Оручоска од Косоврасти, која со нејзината прекрасна интерпретација и сценски настап ги воодушеви присутните. 
 
Првото место од публиката го освои Ада Кадриоска од Бороец Струга, за најдобар вокал  и најдобар сценски настап беа наградени Џана Рамаданоска и Мелда Кадри  и двете од Дебар.


 
Најпрво присутните, кои ги имаше од поширокиот дебарски регион, ги поздрави и им посака пријатни мигови, а на учесниците многу успех, познатиот дебарски композитор Зинче Мимидиноски, инаку директор на фестивалот, благодарение на чија неуморна работа и ангажираност а на радост на децата од поширокиот регион, живее оваа културна манифестација. 
 
На овој значаен настан за децата, кои со нетрпение го очекуваат секоја година, настапија деца од Дебар, Центар Жупа, Маврово и Ростуше, Струга и Охрид како и автори на текстови од Дебар, Струга, Охрид, Кичево, Крива Паланка, Битола, и Прилеп.


 За особен придонес во развојот на Фестивалот “Радика-Фест” од страна на директорот на Фестивалот благодарници им беа врачени на  
Генци Садику, директор на ООУ "Пенестиа" - Дебар, Бенази Шемовска, директор на ООУ Мустафа Кемал Ататурк - Центар Жупа, Алија Идризоски, директор на ООУ Ристе Ристески - с. Д. Косоврасти и Мевмед Абдију, директор ООУ Блаже Конески - Скудриње. 
 
Во 17 годишното постоење на фестивалот изведени се над 220 песнички а учествувале околу 440 учесници од сите делови на државава. 

Гости во програмата на Фестивалот беа прекрасната фолклорна група Скудриње од Општина Маврово Ростуше, како и триото Аниса, Есра, Џансу од Општина Центар Жупа. 
 
Фестивалот финансиски беше поддржан од Министерство за култура и туризам, Општина Дебар, Општина Центар Жупа, ТД „Боград“ и „Арсенал“ од Струга, ТД „Гајрет“ од Лабуништа „Јасен“ од Подгорци, се потпомогнат  и од Центарот за култура - Дебар. вт /нд/
Фото: МИА 

 

Тагови

Можно е и ова да ти се допаѓа