• четврток, 28 март 2024

Бесими на состанок на Конститунцата на ММФ и СБ: Заложба на Владата е долгорочна фискална одржливост и економски раст

Бесими на состанок на Конститунцата на ММФ и СБ: Заложба на Владата е долгорочна фискална одржливост и економски раст

Тиват, 26 мај 2023 (МИА) - Само стабилни јавни финансии можат да обезбедат долгорочен раст и развој, насочен кон подобрување на животниот стандард на граѓаните. Оттука, постепено го намалуваме буџетскиот дефицит, за да ги намалиме потребите за нови задолжувања, истовремено внимавајќи да не ја загрозиме развојната компоненета, бидејќи забавувањето на растот подеднакво произведува негативен ефект врз фискалната одржливост, истакнал министерот за финансии Фатмир Бесими на панел дискусија одржана во рамки на Состанокот на Конституенцата на ММФ и Светска банка во Тиват.

На панел дискусијата „Стремеж за економска стабилност/Фискална консолидација и затегнување на монетарната политика – кој е оптималниот микс на политики?“, дебатираа гувернерите на централните банки на Молдавија, Ерменија и Романија, а обраќања имаа и Клас Кнот, претседател на Банката на Холандија и Алфред Камер, директор на одделот за Европа во ММФ.

Бесими, како што соопшти ресорното Министерство, посочил дека во услови на преклопување на неколку глобални економски кризи, потребна е добра координација меѓу фискалната и монетарна политика. Потенцирал дека Владата има донесено Стратегија за фискална одржливост, а спроведува и мерки со кои постепено се намалува јазот меѓу приходната и расходната страна на Буџетот, што е видливо преку стеснувањето на буџетскиот дефицит од година во година.

Министерот потенцирал дека фискалните власти треба да внимаваат на ранливите категории граѓани, како и на малите и средните претпријатија, на кои им е потребна поддршка. Фискалната политика, според Бесими, треба да ја одигра својата улога и да ги заштити овие субјекти, како и да ја заштитат економијата. Според министерот, креаторите на политики треба да дадат приоритет на реформите и јавните инвестиции коишто поттикнуваат раст, влијаат кон фискалната одржливост и ја забрзуваат зелената транзиција.

Бесими во Тиват на маргините на состанокот на Конституенцата  оствари билатерални средби со  заменик-претседателот на Светска банка Антонела Басани и Алфонсо Гарсиа Мора, регионален заменик-претседател во ИФЦ, како и со директорот на одделот за Европа во ММФ Алфред Камер. бак/сп/

Фото: Министерство за финансии

 

Остани поврзан