• понеделник, 13 јули 2026

Бен-Гвир: Договорот на Трамп со Иран не го обврзува Израел

Бен-Гвир: Договорот на Трамп со Иран не го обврзува Израел

Тел Авив, 15 јуни 2026 (МИА) – Израелскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, изјави дека договорот меѓу САД и Иран не го обврзува Израел и дека земјата нема да се откаже од своите воени цели во Либан.

- Договорот на Трамп не нѐ обврзува. Израел не им е потчинет на САД. Ние сме независна и суверена држава. Не сме страна во овој договор, кој не ја гарантира нашата безбедност. Не смееме да се повлечеме од ниту една територија во Либан што ја освоија нашите борци - изјави Бен-Гвир.

Неговите коментари следуваат откако САД и Иран постигнаа прелиминарен договор за повторно отворање на Ормуската Теснина и за продолжување на кревкото примирје во конфликтот со Иран.

Се очекува договорот да овозможи непречено снабдување на светските пазари со нафта и со природен гас, како и да придонесе за ублажување на енергетската криза што во последните месеци погоди голем број држави.

Деталите од договорот сè уште не се објавени, а Иран соопшти дека неговата примена нема да започне пред официјалното потпишување, кое, според пакистанските посредници, треба да се одржи в петок во Швајцарија.

Според проценките, договорот би можел да отвори пат кон завршување на конфликтот што однесе илјадници животи низ Блискиот Исток и предизвика една од најсериозен енергетски кризи во поновата историја.

Сепак, меморандумот веќе се соочува со сериозни пречки. Продолжувањето на судирите меѓу Израел и проиранскиот „Хезболах“ во Либан речиси ги загрози преговорите, особено по вчерашното израелско бомбардирање на јужните предградија на Бејрут.

Дополнителен предизвик претставува и прашањето за иранската нуклеарна програма.

Договорот предвидува рок од 60 дена за решавање на прашањето за залихите на високо збогатен ураниум и за иднината на иранската нуклеарна програма.

Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, потврди дека е постигнат договор, но нагласи дека неговата примена ќе почне дури по официјалното потпишување.

Тој додаде дека во преговорите посредувал и Катар. ссм/

фото: архива