• петок, 27 септември 2024

Бајден ги покани лидерите на 50 земји на состанок на Контакт групата за обезбедување одбранбена помош за Украина

Бајден ги покани лидерите на 50 земји на состанок на Контакт групата за обезбедување одбранбена помош за Украина

Вашингтон, 26 септември 2024 (МИА) - Американскиот претседател Џо Бајден ги покани лидерите на повеќе од 50 земји на состанок на Контакт групата за обезбедување одбранбена помош за Украина, јави ДПА.

„Ќе свикам состанок на лидерско ниво на Контакт групата за обезбедување одбранбена помош за Украина следниот месец во Германија за да ги координирам напорите на повеќе од 50 земји кои ја поддржуваат Украина во нејзината одбрана од руската агресија“, стои во изјавата на Бајден.

Претходно американскиот претседател најави нов пакет помош за Киев во вредност од околу осум милијарди долари, вклучувајќи системи за воздушна одбрана „Патриот“, наведувани бомби со долг дострел и беспилотни летала. Освен тоа, Бајден денеска во Белата куќа во Вашингтон ќе го прими и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Зеленски веднаш им се заблагодари на САД и напиша на „Телеграм“ дека неговата земја ќе го користи оружјето на најефикасен и најтранспарентен можен начин. Тој, исто така, изрази благодарност за поддршката и од демократите и од републиканците. Зеленски ја пофали програмата за обука на украински пилоти да управуваат со борбени авиони Ф-16 и ја истакна важноста на неодамна воведените нови економски санкции против Русија. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан