Андоновски: Инвестициите во дата-центри носат нов капитал, нова инфраструктура и нови можности за нашата економија, тие не се збир на сервери и технологија, туку создаваат цел економски синџир
- Македонија работи во две насоки: национален податочен центар за сигурна државна инфраструктура и приватни инвестиции во податочни центри што ќе донесат капитал, знаење и нови можности за македонските компании.
Скопје, 9 октомври 2026 (МИА) - Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска имал обраќање на Форумот за критична инфраструктура, дизајн и инженерство на податочни центри во Скопје, при што наглсил дека податочните центри не се збир на сервери и технологија, туку дека тие создаваат цел економски синџир - за инженери, проектанти, градежни компании, енергетски и телекомуникациски оператори, системска интеграција, безбедност и одржување.
- Додека другите држави привлекуваат милијарди во оваа индустрија, и кај нас дебатата мора да се води со факти и конкретни проекти, а не со дезинформации, шпекулации и стравови без основа. Не смееме поради лажни информации однапред да се откажуваме од инвестиции што може да донесат нов капитал, нова инфраструктура и нови можности за нашата економија - истакнал Андоновски.

Министерот посочил дека Македонија работи во две насоки: национален податочен центар за сигурна државна инфраструктура и приватни инвестиции во податочни центри што ќе донесат капитал, знаење и нови можности за македонските компании.
- Особено важно е што овие инвестиции може да создадат силен домашен економски ефект. Нашата цел е што поголем дел од проектирањето, изградбата, опремувањето, интеграцијата и одржувањето да го преземат домашни компании, а со тоа да се создадат нови референци, ново знаење и можности македонските фирми подоцна да настапуваат и на странски пазари - посочил министерот Андоновски.

Податочните центри, додал тој, може да станат дел од пошироката диверзификација на македонската економија кон индустрии со повисока додадена вредност - со повеќе знаење, повеќе технологија и повеќе можности за домашниот бизнис. ев/дма/
Фото: Стефан Андоновски/Фејсбук