Пијано рецитал на италијанскиот пијанист Алесио Фалчани
- Во Ликовниот салон во Велес вечерва во 20 часот пред велешката публика ќе се претстави со пијано рецитал младиот 21-годишен италијански пијанист Алесио Фалчани.

Велес, 22 септември 2023 (МИА) - Во Ликовниот салон во Велес вечерва во 20 часот пред велешката публика ќе се претстави со пијано рецитал младиот 21-годишен италијански пијанист Алесио Фалчани. Влезот за сите љубители на класичната музика е бесплатен.
Во програмата на пијано рециталот на Фалчани се дела на Шуман, Лист, Рахмањинов, Шуберт и Шопен. Фалчани е студент на конзерваториумот „Росини“ во Пезаро, Италија.
Илија Настовски, координатор на проектот за МИА информира дека настапот на италијанскиот пијанист е дел од проектот на Општинското основно музичко училиште „Стефан Гајдов“ и програмата Еразмус Плус, „Музика во инклузија“, добиен од Националната агенција за европски програми и мобилност на Македонија, во партнерство со училишта од Италија и Франција.
Претходно, денеска во 15 часот во Европската куќа на млади во Велес ќе се одржи презентација на трудови на тема „Инклузивното образование како модел на добра практика“ од страна на партнерите и координаторот на проектот м-р Илија Настовски. На настанот ќе биде отворена дебата на оваа тема. Потоа, во салата на ООМУ „Стефан Гајдов“ ќе се одржи час по музико терапија од страна на проф. Еми Спинучи и музикотерапевтката од Франција, Софи Отре.
Утре попладне во 17 часот ќе се одржи завршен концерт на учесниците во проектот.
Учесниците на овој проект во кој е вклучено и ООМУ „Стефан Гајдов“ од Велес веќе се сретнаа во Италија, а по средбата во Велес ќе имаат и трета заедничка работна средба во Франција.ад/фф/
Фото: Ликовен Салон - Велес