Дописници МКДОпштински вести

Стивнува пандемијата во Пијанечко-малешевскиот регион

Стивнува пандемијата во Пијанечко-малешевскиот регион. По подолго време во општините од Малешевскиот регион Берово и Пехчево има само по еден активен случај на Ковид-19.

Берово, 25 мај 2021 (МИА) – Стивнува пандемијата во Пијанечко-малешевскиот регион. По подолго време во општините од Малешевскиот регион Берово и Пехчево има само по еден активен случај на Ковид-19. Од здравствениот дом во Берово велат дека намалувањето на активните случаи се должи на зголемениот интерес за вакцинација која повеќе од еден месец успешно се одвива во овие општини.

-Во двете општини владее голем интерес за вакцинација, затоа и од минатата недела започнавме да вакцинираме во Бизнис инкубаторот во Берово каде има подобри услови за тоа. Дел од граѓаните се вакцинираа и во регионалните центри, така што повеќе од сигурно е дека тоа дава резултат, особено кога е во прашање намалувањето на бројот на новозаразени кој деновиве е сведен на минимум, велат од Здравствен дом Берово.

Во општините од Пијанечкиот регион Делчево и М. Каменица бројката на активни случаи сè уште е двоцифрена, но е драстично помала од онаа пред половина година кога имаше застрашувачки бројки.

-Во Делчево во моментот имаме 24 активни случаи и тенденција на опаѓање на бројот на новозаразени, исто како и во М. Каменица каде сè уште има 12 лица со присуство на вирусот. Генерално тоа се мали бројки кои покажуваат дека сме на пат целосно да ги елиминираме активните случаи. Најверојатно вакцинацијата си го направи своето, што резултира со помал број на новозаразени, истакнаа од Здравствениот дом „Гоце Делчев“ кој е надлежен и за здравствената станица во М. Каменица.

Во четирите општини од почетокот на пандемијата најмногу заразени се регистрирани во Берово вкупно 1027, потоа следи Делчево со 971 случај, Пехчево има 268, додека од почетокот на пандемијата најмал број случаи вкупно 249 се регистрирани во М. Каменица. вс/ир

Back to top button
Close
Close