Избрано

Стереотипи и предрасуди над главите на младите на Балканот

На овие простори никако да разбереме дека не сме проблем едните на другите, туку дека сите заедно сме во еден проблем, велат аналитичарите

12 февруари 2020

Ал Џезира Балкан, Сараево

На овие простори никако да разбереме дека не сме проблем едните на другите, туку дека сите заедно сме во еден проблем, велат аналитичарите

Ако терминот „млади“ ја претставува старосната група која има помеѓу 15 и 30 години гледано во контекст на нашиот регион значи дека поголемиот дел од младината израснал во период на воени случувања или постконфликтен период.

Разбирливо е дека ваквото опкружување влијае врз растењето, меѓутоа младите истовремено се подложни и на различни влијанија, а понекогаш и развиваат предрасуди и стравови кон другите и различните (и се обидуваат да го наметнат тоа мислење за другите и различните).

Сигурно е дека еден од проектите што беше најмногу поддржан од страна на меѓународната заедница во државите на Западен Балкан е всушност процесот на помирување и одржување на мирот, особено меѓу младите. На просторот што некогаш ја опфаќаше Југославија сега има осум независни држави, додадена е и Албанија и во геополитичка смисла терминот Западен Балкан е засилен.

Политичките елити на овие земји во транзиција, сепак, не дадоа приоритет да се обноват и воспостават односите базирани на градење мир и соработка меѓу младите. Повеќето истражувања во регионот, сепак, покажаа дека повеќе од 70 отсто од младите веруваат во помирување и сметаат дека тоа е многу важно за иднината, а според истите истражувања дури над 60 проценти од средновечните луѓе сметаат дека процесот на помирување е од голема важност и треба да се работи на него. И покрај сè, младите на Западен Балкан веруваат дека процесот на помирување што би се темелел на доверба и искреност сè уште не е доволен, односно сè уште постојат предрасуди.

Образованието, медиумите и семејството шират предрасуди и стереотипи

Младите во државите на Западен Балкан имаат многу предрасуди за врсниците од соседните држави, немаат доволно знаење за другите култури, а голем број од нив никогаш не биле надвор од границите на својата држава, изјави Олтијана Рама, директорка на невладината организација за Меѓународни доброволни проекти на Албанија, која со години работи на прашањата на соработка меѓу младите.

– Постои одреден недостиг на доверба меѓу младите во процесот на помирување во нашиот регион. По начинот на кој младите го гледаат тоа, недостигот на доверба потекнува од политичкиот систем, политичкиото влијание на младите и нивните потреби, но исто така причина за недоверба може да биде и невработеноста на младите, истакна Рама.

Според оценките од лидерите на ЕУ државите и меѓународните мировни организации во последните неколку години факторите што влијаат на одржливоста на трајниот мир се националистичка и популистичка активност и реториката на политичарите, кои дополнително го забавуваат помирувањето и соочувањето со минатото, многу бавен процес на казнување на одговорните за воени злосторства и негирање на злосторствата. Потоа образовните системи во државите не поттикнуваат дијалог и продлабочуваат недоверба, особено од гледна точка на предметот историја во училиштата, негативна улога често играат и медиумите, кои користат навредлив речник кога известуваат за другите народи од регионот и, секако, на ставот на младите влијае и домашното воспитување.

– Врз основа на тоа што го забележувам додека работам со младите и додека престојувам во регионот, најголема препрека на помирувањето е во системското и секојдневно пренесување пораки во јавноста што се полни со страв и омраза кон „оние другите“, смета Војо Радосављевиќ, претседател на Здруженето на граѓани Светлост од Шабац.

Германија е попривлечна од соседството

Пожелен начин за надминување на предрасудите и стереотипите е концептот на младинска размена, која им овозможува на младите да стекнат непосредно искуство и да изградат свои лични ставови и погледи. Невладините организации од регионот, главно со поддршка од ЕУ, организираат различни активности и настани за размена на млади, многу поинтензивно во последните десет години.

Милица Жугиќ од „Младиинфо Црна Гора“ од Никшиќ смета дека младите не гледаат препреки бидејќи се отворени за дружба со врсниците без оглед на вера, раса и национална припадност.

– Долго време организираме разни семинари, тренинзи и други видови обуки каде што се среќаваат младите од регионот и не сме имале ниту една лоша ситуација, ниту непријатност, туку само добри дружби. Поголеми предрасуди и стравови имаат нивните родители и имаат страв да ги пуштат децата, особено ако се во прашање Косово и Албанија, наведе Жугиќ.

Од моменталната состојба во државите во регионот, каде што младите масовно ги напуштаат своите домови, видливо е дека младите не се задоволни од состојбата и околината во која растат. Од друга страна, меѓународната заедница веќе одамна сфати дека во процесот на помирување не може да има сериозни партнери меѓу политичарите во земјите од регионот и се стремат кон поддршка на младите.

Размената на млади во контекст на повоено помирување првпат беше применета во Германија и Франција по потпишувањето на Елисејскиот договор во 1963 година и сè уште се посветени на идејата и ја практикуваат и со други држави. За програмите на размена во регионот Рама додава дека препреките со кои младите се соочуваат се негативни перцепции и предрасуди под влијание на медиумите и системот воопшто. Младите луѓе генерално немаат информации за регионот, тие го доживуваат регионот врз основа на стереотипите.

– На овие простори никако да разбереме дека не сме проблем едните на другите, туку дека сите сме заедно во ист проблем. Медицинска сестра, таксист, наставник или друга работничка или работник го имаат истиот проблем, како да опстанат во секоја од овие наши мали приватни фирми што ги викаме држави, вели Радосављевиќ, кој додава дека сите имаат голема тешкотија економски да го издржат школувањето на своите деца. Студентите и средношколците уште на училиште се прашуваат во која партија би морале да се зачленат за да ја добијат работата. Или во која земја ќе емигрираат, додава Радосављевиќ.

Младите можат да го променат светот бидејќи тие не се расправале

Очиглено е дека се евидентни позитивните примери на соработка меѓу младите и учество во размена на младите во регионот, напредокот е постигнат, но сè уште се видливи препреки и стравови младите да бидат поактивни во смисла на регионална мобилност. Во врска со тоа Жугиќ ги пренесува своите искуства: „Постои страв кога се во прашање држави каде што некои немири се внатрешни конфликти. Исто така кога се присутни некои тензии, како на пример, моментално помеѓу Црна Гора и Србија, младите кои немаат искуство во програмите за мобилност ретко се пријавуваат. Најмногу се плашат родителите за децата, обично во таквите ситуации бараат да ја запознаат цела група што оди со нив и да имаат придружба од некој постар. Секогаш ни е тешко да најдеме учесници за Косово отколку, на пример, за Србија. Во некои ситуации младите не се заинтересирани, младите од регионот не покажуваат интерес за патувања во околина од причини што не се поради безбедносни или заради предрасуди и ставови, туку поради изборот на атрактивна локација за патување. Ако збориме за младите во Албанија, би рекла дека немаат страв од патување во регионот, но понекогаш не избираат да патуваат во регионот бидејќи се повеќе ориентирани на развиените држави како Германија, мислење на Рама.

Со сличен став е и Жугиќ, која додава дека кога се во прашање младите, повеќе се среќаваме со проблемот дека тие генерално не се заинтересирани да патуваат во земјите во регионот, туку повеќе претпочитаат да одберат некоја „ексклузивна“ дестинација. Тоа е веќе проблем од друга природа, мотивација, причина зошто воопшто сакаат да учествуваат во младинска програма за мобилност.

Процесот на помирување е комплициран и бара доста вложување, добрата волја сама по себе не е доволна за да се надеваме на поголем напредок во процесот на помирување на Западен Балкан. Иако секоја соработка меѓу младите е корисна и од тие програми на размена корист има и заедницата, бидејќи со пренесување на искуството ги намалуваат предрасудите и стекнатите стереотипи.

Важно е да се согледа дека народот овде е уморен, а уморен народ е лесно да се изманипулира и со самото тоа да ги држат луѓето во страв од луѓето од другата страна на границата. Во таква заедница младите луѓе имаат проблем да го искористат својот голем интелектуален потенцијал, енергија и сила. Младите можат да го сменат светот и можат да се смират и покрај сè не се тие што се расправале, заклучува Радосављевиќ. ки/

Back to top button
Close
Close