Дописници МКДОпштински вести

Стечајците од Кочани очекуваат решавање на статусот на уште стотина лица

Членовите на кочанскиот огранок на Здружението на стечајни работници „Унит“ очекуваат уште стотина лица од општината и регионот да си го решат статусот со најновите измени и дополнувањата на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата во доминантна државна сопственост.

Кочани, 15 јануари 2020 (МИА) – Членовите на кочанскиот огранок на Здружението на стечајни работници „Унит“ очекуваат уште стотина лица од општината и регионот да си го решат статусот со најновите измени и дополнувањата на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата во доминантна државна сопственост.

Од стапувањето во сила на законските одредби досега беа опфатени околу 450 стечајци од Кочани кои добиваат месечен финансиски надоместок од државниот буџет, но од здружението нагласуваат дека поддршка треба да добијат и останатите кои ги исполнуваат законските услови.

– Во евиденцијата на нашето здружение пред донесувањето на законските одредби, имавме над 800 стечајци, што значи дека скоро половина од нив веќе финансиски се обезбедени и примаат месечен надоместок од осум илјади денари. Во меѓувреме, упативме повик до сите членови кои согласно законските одредби ги исполнуваат условите, да ја подготват потребната документација и да се пријават во Агенцијата за вработување, истакна Ангел Арсов, координатор на огранокот на Здружението „Унит“ во Кочани.

Во огранокот на „Унит“ во Кочани во моментот немаат точна евиденција колку поранешни вработени со непрекинат работен стаж од 15 години во некоја од државните фирми што беа ликвидирани, ги исполнуваат условите за добивање финансиски надоместок. Причина за тоа е што дел од нив го оствариле правото за пензија, а извесен број се починати. та/ир

Таг
Back to top button
Close
Close