Svet.SlajderДописници СветЕвропаЕвропа.Портал

Стано: Брисел загрижен за одлуката за селење на српската амбасада во Ерусалим

Одредбата од вашингтонскиот договор помеѓу Србија и Косово што се однесува на префрлањето на амбасадата на Србија во Израел од Тел Авив во Ерусалим не е во согласност со надворешната политика на ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Брисел, 7 септември 2020 (МИА) – Одредбата од вашингтонскиот договор помеѓу Србија и Косово што се однесува на префрлањето на амбасадата на Србија во Израел од Тел Авив во Ерусалим не е во согласност со надворешната политика на ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Во одговор до МИА, портпаролот на ЕУ за надворешни работи, Петер Стано објасни дека политиката на ЕУ кон израелско-палестинското прашање е јасна и во согласност со резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации, поточно резолуцијата 478 која ги повикува сите земји членки на ОН да ги етаблираат своите амбасади во Тел Авив.

Ерусалим е предмет на преговори помеѓу Израел и Палестина бидејќи двете страни го сметаат градот за своја престолнина. Отворањето амбасада во Ерусалим како дипломатско претставништво во Израел за ЕУ претставува прејудицирање на конечното решение на израелско-палестинскиот спор и не е прифатливо. ЕУ стои на ставот дека Израел и Палестина треба да дојдат до заеднички прифатливо решение за две држави согласно меѓународното право.

Србија и Косово како земји кандидати за членство во ЕУ мораат да ја усогласат својата надворешна политика со таа на Унијата, потсетуваат во Брисел.

-Минатиот месец, Србија потпиша ЕУ декларација која повторува дека ЕУ цврсто се залага за компромисно и одржливо решение за две држави, изјави Стано во однос на израелско-палестинското прашање и додаде дека ставот на ЕУ во однос на отворањето амбасади во Ерусалим останува непроменет и покрај одлуката на американската администрација во 2017 да ја префрли својата.

Стано, исто така, ги потсетува Белград и Приштина дека ЕУ интеграцијата е нивен деклариран стратешки приоритет и очекува од двете земји да се однесуваат согласно овие заложби.

-Србија веќе преговара членство во ЕУ и се очекува од нејзе постепено да ги усогласи своите политики кон трети земји со позициите и политиките на ЕУ, нешто што редовно го нагласуваме во нашиот дијалог со Србија. Во овој контекст, секој дипломатски чекор кој може да ја доведе во прашање заедничката позиција на ЕУ за Ерусалим е прашање кое сериозно загрижува и за кое жалиме, изјави Стано за МИА.

Претседателот Александар Вучиќ и премиерот Авудлах Хоти денеска ќе се сретнат повторно, овој пат во Брисел, за нова рунда преговори на највисоко ниво под покровителство на ЕУ во рамките на дијалогот за нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина.тм/сд/

Back to top button
Close
Close