Дописници МКДОпштински вести

Стагнира бројот на лицата во домашна изолација во Кочани и Виница

Стагнира бројот на граѓаните од Кочани и Виница за кои во изминатото деноноќие се спроведува мерката за изолација, информираа кризните штабови од двете општини.

Кочани, 7 април 2020 (МИА) – Стагнира бројот на граѓаните од Кочани и Виница за кои во изминатото деноноќие се спроведува мерката за изолација, информираа кризните штабови од двете општини.

Во моментот во кочанскиот регион во самоизолација се 42 лица, од кои девет случаи се во општина Зрновци, а останатите 33 се во Кочани.

-Откако вчера почина едно лице, сега вкупниот број на евидентирани заболени е 16, односно има тројца нови. Од заболените лица, 13 се лекуваат во домашни услови, а тројца се префрлени на Инфективното одделение во болницата во Штип, истакна градоначалникот на Кочани Николчо Илијев, кој раководи со општинскиот Кризен штаб.

Општина Кочани веќе трета недела по ред нуди логистичка поддршка во набавката и испораката на храна и лекови на старите и изнемоштени лица, а слични активности има и во Општина Виница.

– На територијата на Општина Виница сè уште официјално нема потврдено ниту еден позитивен случај на коронавирус. Простор за паника нема, но по новонастанатата ситуација во Кочани, дејствуваме уште посериозно и поодговорно кон препораките за социјална изолација и почитување на сите досегашни мерки на превенција. До овој момент имаме вкупно 24 лица кои се во изолација, од кои 12 се изолирани во домашни услови, а останатите се во државен карантин. Во текот на викенд полицискиот час во нашата општина за непочитување на забраната за движење по 16 часот поднесени се вкупно седум пријави, истакна Ивица Димитров, градоначалник на Виница.

Градоначалниците на Кочани и Виница упатија повик до граѓаните да не создаваат паника, туку свесно и максимално да се придржуваат кон пропишаните мерки, кои се најважни за спречување на ширење на заразата. та/мд/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close