БалканБалкан.ПорталДописници Свет

Српската опозиција ќе го бојкотира говорот на Вучиќ во Собранието за Косово

Дел од српската парламентарна опозиција соопшти дека нема да присуствува на седницата на Собранието на Србија, на која шефот на државата Александар Вучиќ ќе говори за Косово.

Белград, 22 мај 2019 (МИА) – Дел од српската парламентарна опозиција соопшти дека нема да присуствува на седницата на Собранието на Србија, на која шефот на државата Александар Вучиќ ќе говори за Косово.

Вучиќ од своја страна оцени дека во моментов за Србија нема поважна тема од Косово и дека не ги разбира причините за ваквата одлука на опозицијата.

– Што се однесува до седницата на Собранието, јас ќе присуствувам како претседател на Србија, ќе биде присутна и премиерката, претседателката на Собранието, директорот на Канцеларијата за Косово, изјави Вучиќ, додавајќи дека му е важно кој ќе присуствува на таа седница, но и кој нема да дојде.

Вучиќ нема разбирање за мотивите на опозицијата да не го прекине бојкотот на Парламентот и да не учествува на седницата на која тој по седум години првпат ќе говори пред пратениците за Косово.

– За што и каде мислите да разговарате, ако не сакате да разговарате со највисоките претставници на државата за состојбата на Косово и Метохија… За мене, Парламентот е многу важно место, за нив би требало да биде апсолутно најважното место, а од Косово и Метохија во овој момент немаме поважна тема, изјави Вучиќ.

Од друга страна, претседателот на Демократската партија (ДС), Зоран Лутовац, смета дека опозицијата не треба да се врати во Парламентот, додека нешто драстично не се промени во функционирањето на институциите во земјата.

– Ние потпишавме дека ќе го напуштиме Собранието на Србија и локалните собранија. Ние не излеговме поради темите, туку затоа што институциите не ги сработуваат своите обврски и не постои таа тема поради која ќе влеземе. Тоа не е во согласност со тоа што се договоривме како опозиција. Ставот на партијата и на опозицијата е дека нема влез во Парламентот сé додека навистина тој не стане парламент. Ставот на ДС е дека не треба да учествува, изјави Лутовац.

Лидерот на партијата Двери, Бошко Обрадовиќ во емисијата Пресинг на Н1 оцени дека теми за кои може да се зборува во Парламентот се и слободните медиуми и фер избори, а кога станува збор за седницата за Косово, тој порача дека „секој кој се смета себе си за опозиција“, како и опозициската коалиција Сојуз за Србија (СзС) нема да дојде на таа седница.

– Станува збор за уште едно реално шоу на Александар Вучиќ и ова е уште една фарса со која се понижува Собранието, како што е тоа случај во последните седум години на актуелната власт. Никогаш досега темата за Косово и Метохија не беше на дневен ред на Собранието и покрај нашите бројни барања. Сега кога опозицијата е вон Парламентот, кога ја бојкотираме работата на Собранието поради огромната политичка криза во Србија, сега српскиот претседател се сети на дневен ред да дојдат многу важни закони, па и седницата за Косово, и тоа без никаков материјал, извештај, без план или платформа како понатаму, оцени Бошко Обрадовиќ.

Претседателката на Парламентот Маја Гојковиќ закажа специјална собраниска седница за в понеделникот, 27 мај, на која српскиот претседател Александар Вучиќ ќе зборува за ситуацијата во Косово. об/сп/

Таг
Back to top button
Close
Close