БалканБалкан.ПорталДописници Свет

Средношколците во Грција на 11 и 18 мај се враќаат во училишните клупи

На 11 и 18 мај, под специјални правила и услови, поделени во групи, грчките средношколци ќе се вратат во училишните клупи, основните училишта и градинките за сега остануваат затворени

Атина, 29 април 2020 (МИА) – На 11 и 18 мај, под специјални правила и услови, поделени во групи, грчките средношколци ќе се вратат во училишните клупи, основните училишта и градинките за сега остануваат затворени, со можност, доколку епидемијата оди во надолна линија, да се отворат на 1 јуни, додека пак државната матура ќе се полага на 15 и 16 јуни, согласно одлуките и планот за образовните институции во Грција, соопштени од министерката за образование и религија Ники Керамеос, јави дописничката на МИА од Атина.

Средните училишта на 11 мај ќе се отворат за матурантите, а една седмица подоцна и за останатите ученици, училишната година ќе биде продолжена до 12 јуни, а новата школска година, на есен, ќе започне порано, веројатно на 1 септември (наместо на 11 септември).

Класовите на средношколците ќе бидат поделени во две групи од најмногу 15 ученици. Едната група ќе следи настава понеделник, среда и петок, другата вторник и четврток, а ќе се менуваат на една седмица. Во деновите кога нема да имаат настава на училиште, предвидена е програма за учење дома.

Меѓу учениците задолжително е да има растојание од еден и пол метар додека пак употребата на заштитна маска е по свој избор како за време на наставата, така и во школските автобуси.

Во училиштата ќе има антисептици, училишните простории редовно ќе се проветруваат и ќе се чистат два пат на ден.

-За основните училишта и градинките за деца од четири до шест години, се продолжува прекинот на работата. Се разгледува можноста за отворање на 1 јуни. Повторувам, веројатноста. Само ако сме апсолутно сигурни дека текот на епидемијата оди по надолна линија, рече Керамеос и објасни дека во случај да се отворат, тогаш школската година ќе се продолжи до 30 јуни.

За Центрите за дополнителна настава ќе важи истото што и за средните училишта, но со силна препорака да продолжат со онлајн часови, а во овој момент не е предвидено отворање на библиотеките.

Академската година и семестарот на Универзитетите во Грција ќе заврши со предавања на далечина, за испитите ќе има дополнителна одлука, а од 25 мај ќе има можност да се отворат лабораториите за пракса на студентите.

Министерката за образование и религија на Грција рече дека конкретниот план се заснова на едногласна одлука на Националната комисија за заштита на јавно здравје, а секој чекор ќе се оценува, а доколку е потребно и ќе се преиспитува.

Во однос на верските објекти, Керамеос објасни дека од 4 мај ќе бидат отворени за индивидуални молитви, а од 17 мај за литургии со присуство на верници. ср/

Таг
Back to top button
Close
Close