0_МИА Истражува.ПорталИзбрано

Срам за Германија

За првпат со гласови на АФД е избран премиер на некоја германска покраина. Тоа е кршење на непишано правило, смета главната уредничка на Дојче веле Инес Пол.

7 февруари 2020

Дојче веле

За првпат со гласови на АФД е избран премиер на некоја германска покраина. Тоа е кршење на непишано правило, смета главната уредничка на Дојче веле Инес Пол.

И тоа покажува колку се длабоки пукнатините во браните на демократските партии во борбата против десницата, пишува таа.

Пред нешто повеќе од една недела, на 29 јануари, германскиот Бундестаг на комеморативна седница им оддаде почит на жртвите на холокаустот. Поводот беше 75-годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц. Во обраќањето пред пратениците, израелскиот претседател Рувен Ривлин ги повика Германците никогаш да не заборават што се случило. И истрајно да ја продолжат борбата против антисемитизмот, расизмот и омразата кон странците. Германците и германските политички партии носат голема одговорност кога станува збор за одбрана на демократските вредности и имаат обврска да дејствуваат во духот на минатото.

„Германија не смее да заборави“, заклучи Ривлин.

И само малку повеќе од една недела по тој говор – гром од ведро небо. Со помош на гласовите на конзервативно-десната Алтернатива за Германија (АФД), еден политичар на либерално-демократската партија ФДП е избран за премиер на сојузната покраина Тирингија. Тој избор ја потресе Германија. Тој е повеќе од доказ дека локалните политичари на ЦДУ и ФДП, кои стојат зад оваа одлука, не ја сфатиле својата историска одговорност. Ова исто така е избор што демократските партии ги става пред тест, а тоа дури би можело да се заврши и на предвремени избори за сојузниот парламент.

Дали предизвиците на власта се посилни?

Во наредните недели ќе се покаже дали водечките германски политичари стојат зад своето ветување дека никогаш нема да дозволат да ја освојат власта со помош на АфД. Ќе се покаже дали, на крајот, предизвикот за владеење сепак е посилен.

Шефицата на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер, јасно им стави до знаење на демохристијаните во Тирингија да се воздржат од соработка со АФД – но што сега значи овој јавен доказ дека таа внатре во партијата баш и го нема главниот збор? И како ќе реагира германската канцеларка Ангела Меркел на фактот дека членовите на нејзината партија соработуваат со АФД, и тоа со нејзиниот најрадикален локален огранок чиј шеф Бјерн Хеке за Германците вели дека се луди затоа што дозволуваат среде центарот на германскиот главен град да се изгради „споменик на срамот“ – тој притоа мисли на споменик на жртвите на холокаустот. И како на сето тоа заедно ќе реагира Социјалдемократската партија на Германија (СПД), која сè уште на сојузно ниво е во коалиција со ЦДУ?

Инес Пол

Германците лесно ја забораваат историјата

Овој значаен ден ќе ја протресе Германија од темел, а демократските сили сега мора да покажат колку цврсто стојат на земја. И што сè се подготвени да ризикуваат за да спречат овој единствен настан да стане секојдневие. Пред само неколку дена, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер во Меморијалниот центар „Јад Вашем“ во Ерусалим изјави дека „националсоцијализмот не паднал од небо“.

Оваа среда во февруари, на Германија ѝ стана јасно колку многу Германци во меѓувреме почнале да забораваат. И дека зборовите на Ривлин – „Германија не смее да заборави“ – се упатени до сите нас. И дека никој повеќе не смее да верува во тоа дека историјата не може да се повтори. јт/

 

Таг
Back to top button
Close
Close