0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderВидео изјаваПолитика

Советот за безбедност побара Владата да прогласи кризна состојба во траење од 30 дена

Советот за безбедност и предложи на Владата да прогласи кризна состојба на територијата на цела држава во траење од 30 дена поради состојбата со коронавирусот во земјата, соопшти денеска претседателот Стево Пендаровски. Кризната состојба е законски регулирана и, меѓу другото, опфаќа вклучување на Армијата како поддршка на полицијата, како и на приватните здравствени установи во справувањето со Ковид-19. 

Скопје, 19 ноември 2020 (МИА) – Советот за безбедност и предложи на Владата да прогласи кризна состојба на територијата на цела држава во траење од 30 дена поради состојбата со коронавирусот во земјата, соопшти денеска претседателот Стево Пендаровски. Кризната состојба е законски регулирана и, меѓу другото, опфаќа вклучување на Армијата како поддршка на полицијата, како и на приватните здравствени установи во справувањето со Ковид-19.

Шефот на државата оцени дека состојбата во земјата со Ковид-19 е исклучително сериозна. А состојбата не е поинкава, како што рече и во буквално сите земји и во Европа и светот, далеку полоша од пролетниот бран по бројот на заразени и починати.

Откако ќе биде прогласена кризна состојба, како што појасни претседателот Пендаровски, Законот за одбрана и Законот за управување со кризи даваат многу пошироки можности за поддршка на надлежните институција, пред се, здравствените од страна на Армијата. Тој потсети дека и во моментот Армијата и дава поддршка на полицијата и на здравствените институции, но во лимитиран обем, потпирајќи само врз правниот основ кој доаѓа од Законот за служба во Армијата.

Пендаровски појасни дека Армијата ќе се вклучува само на барање на Кризниот штаб и оти војниците нема сами да можат на пример да извршуваат одредени задачи како обезбедување на болниците туку како поддршка.

– Во делот на ангажманот на Армијата, ние ќе ги следиме барањата на Кризниот штаб, кога ќе се декларира кризна состојба. Таму каде што тие ќе декларираат поддршка на полицијта и на здравствените власти, таму ќе помагаме, рече Пендаровски.

Шефот на државата рече дека иако сега пандемијата е многу посериозна од пролетниот бран, сега Армијата е поподготвена.

– Моја проценка е дека сега кога би била кризна состојба еве денеска, ние би имале седум до десет пати повеќе припадници на Армијата ангажирано отколку што имаме досега, рече Пендаровски потсетувајќи дека војниците и сега некаде и помагаат на полицијата и здравствените власти.

Втората битна разлика, како што кажа, е во законската можност Владата да управува со ресурсите на органите на државната управа, на јавните претпријатија, на општините на Градот Скопје, но тука вклучувајќи ги и трговските друштва, во овој случај и приватните здравствени установи.

– Не станува збор за национализација на приватните болници, туку евентуално за управување со нив во битката против пандемијата, се разбира таму и во тој обем во кој Владата ќе процени дека е тоа неопходно. Инаку, знаете дека приватната сопственост е гарантирана со Уставот и затоа тука не станува збор за национализација или некакво менување на сопственоста, рече Пендаровски.

Воведувањето на кризната состојба на целата територија, како што потенцира, нема никаква врска со прогласување на полициски час и евентуално на рестрикции на движењето на граѓаните.

– Тоа е во надлежност прво на Комисијата за заразни болести, потоа на Централниот кризен штаб и се разбира на Владата ако така процени дека е неопходно, рече Пендаровски.

Шефот на државата очекува Владата многу брзо да прогласи кризна состојба на целата територија.

На дневен ред на денешната 10. седница на Советот за безбедност беше актуелната ситуација со пандемијата КОВИД -19.

Министерот за здравство Венко Филипче, кој беше повикан од Пендаровски да присуствува на состанокот, информирал за капацитетите и ресурсите во здравството и за реорганизацијата на болниците за справување со пандемијата, додека премиерот Зоран Заев за севкупните активности и за политиките во другите ресори и можните опции и сценарија за наредните денови и недели.

Во моментов во земјата има прогласено кризна состојба на северната и јужната граница во врска со нелегалните преминувања на мигранти и бегалци и на тие подрачја полицијата и војската работат заедно. Сега таквата соработка откако ќе биде декларирана кризна состојба на цела територија ќе биде овозможено буквално на целата територија на земјата.

На седницата на Советот за безбедност на Република Северна Македонија која се одржа во претседателската „Вила Водно“, се расправаше за актуелната состојба со пандемијата на Ковид-19 во земјава и за мерките и активностите на надлежните институции. Покрај редовните членови на Советот премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието Талат Џафери и министрите за одбрана и за надворешни работи Радмила Шекеринска и Бујар Османи, на покана на претседателот Пендаровски присуствуваше и министерот за здравство, Венко Филипче. Министерот за внатрешни работи Оливер Сапсовски не присуствуваше на состанокот. ев/мс/

Back to top button
Close
Close