Дописници МКДОпштински вести

Советот на Росоман не го изгласа оперативниот план за заштита и одбрана од поплави

Советот на Росоман не го изгласа оперативниот план за заштита и одбрана од поплави, кој треба да важи за наредните години, и покрај тоа што планот има добиено позитивни мислења од Дирекција за заштита и спасување, Центар за управување со кризи и Министерство за животна средина и просторно планирање. Планот го изработија службите во општината, во соработка со Центар за управување со кризи. Планот предвидува активности за заштита на населението во услови на поплави.

Росоман, 20 февруари 2020 (МИА) – Советот на Росоман не го изгласа оперативниот план за заштита и одбрана од поплави, кој треба да важи за наредните години, и покрај тоа што планот има добиено позитивни мислења од Дирекција за заштита и спасување, Центар за управување со кризи и Министерство за животна средина и просторно планирање. Планот го изработија службите во општината,  во соработка со Центар за управување со кризи. Планот предвидува активности за заштита на населението во услови на поплави.

Еден советник гласаше  ,,за” одлуката за донесување на оперативниот план, а шест беа воздржани. Советниците Јовица Стошиќ и Александар Стојанов алармираа дека еден ваков план, според нив,  би требало  да опфати  и заштита од пожари. Стојанов изрази сомнеж, дали во позадина на заштитата од поплави се вовлекла можната намера на поединци,  да се профитира преку наводното регулирање на речно корито, кое, всушност, според него, значи неконтролирано копање песок. Тој предложи планот да не биде усвоен, иако на седницата беше кажано дека планот добил позитивно мислење од неколку надлежни државни субјекти и дека мора да биде изгласан.

Градоначалникот Бранко Јанев рече дека планот треба да се донесе, за да има стратегија на постапување при евентуални поплави.

-Советот на општина Росоман на денешната 32 седница донесе одлука за издвојување  финансиски средства во висина  од 15 илјади денари од општинскиот буџет за фудбалскиот клуб „Росоман 83”, за организирање традиционалниот меморијален турнир „Никола Темов мускулот 2020 година”. Плус околу 10 илјади денари претходно обезбедени за пехари, топки  и слично. Градоначалникот Бранко Јанев нагласи дека општината ќе го помага фудбалот во рамките на можностите,  но дека не е во состојба да даде близу 90 илјади денари, колку што беа побарани само за турнирот. Пене Александров предложи самите советници да донираат за турнирот. Јованче Јошев исто како и Јанев и Александров,  го поздрави ентузијазмот на новото раководство на клубот кое се соочува со пречки. Го поддржа предлогот за донации  и соопшти дека е подготвен да го даде советничкиот паушал за овој месец од над девет илјади денари . Рече дека од буџетот треба да се издвојуваат повеќе пари за фудбалот. свд/скс/

Back to top button
Close
Close