Дописници МКДОпштински вести

Советот на Општина Охрид ја запре финансиската поддршка на Планинската служба за спасување

Советот на Општина Охрид не одобри финансиска поддршка на Службата за спасување на планина.

Охрид, 31 мај 2021 (МИА) – Советот на Општина Охрид не одобри финансиска поддршка на Службата за спасување на планина.

За Општинската организација на Црвениот крст под чии рамки финкционира Планинската служба за спасување, такви потег на градските советници покажува елементарно обезвреднување на човечкиот живот.

– И покрај стотиците успешни интервенции во изминатите 19 години, и покрај огромните жртви на волонтерите кои го ризикуваат сопственото здравје и живот за да го ублажат страдањето на другите, и покрај силната поддршка од Европската Унија, Советот речиси едногласно ја отфрли одлуката за финансиска поддршка на единствената служба во државата, која за граѓаните на територијата која ја покрива, нуди 24-часовна услуга по највисоките светски стандарди. Со тоа, Советот на општината потврди дека безбедноста и здравјето на граѓаните им е на последно место во приоритетите“, се наведува во реакцијата по одлуката.

Од Црвениот крст посочуваат дека само оваа година најмалку петпати е интервенирано на терен, со што општината беше поштедена од медиумски напади слични на неодамнешниот „кратовски случај“.

Во врска со таквата одлука на Советот, Црвениот крст и Планинската служба за сапсување јавно се откажуваат од Свети Климентовата повелба за 2019 година, како едно од највисоките општинки признанија.

Тие посочуваат дека остануваат во служба на граѓаните и понатаму се додека можат, а за одлуката на Советот сметаат дека ќе остане длабоко запишана во историјата на Општина Охрид, како пример за останатите состави на Советот, но и како одлика на времето во кое живееме, време во кое властите најниско ги вреднуваат човечкиот живот и волонтерскиот труд на сопствените граѓани, оние на кои треба да им служат. аб/ар/

Таг
Back to top button
Close
Close