Дописници МКДОпштински вести

Советoт на Општина Делчево ги усвои препораките за заштита од коронавирус

На предлог на градоначалникот Горан Трајковски, советниците на денешната седница на Советот на Општина Делчево ја усвоија одлуката со која се препорачуваат низа локални мерки за заштита од појавата и евентуалното ширење на зараза од коронавирусот.

Делчево, 13 март 2020 (МИА) – На предлог на градоначалникот Горан Трајковски, советниците на денешната седница на Советот на Општина Делчево ја усвоија одлуката со која се препорачуваат низа локални мерки за заштита од појавата и евентуалното ширење на зараза од коронавирусот.

Претседателот на Советот, Драган Маневски, истакна дека следејќи ја состојбата со актуелната пандемија со коронавирусот, Општина Делчево е исправена пред предизвикот да се сочува здравјето на граѓаните и да не се дозволи ширење на болеста.

-Според официјалните податоци добиени од Центарот за јавно здравје Кочани и Епидемиолошката служба од Делчево, на територијата на нашата општина нема евидентирано случај со коронавирус, ниту има сомнителни случаи. Со цел да ја зачуваме мирната епидемиолошка слика и да не дозволиме евентуална појава и ширење на вирусот, како одговорна општина, на предлог на градоначалникот Горан Трајковски, денеска треба да донесеме одлука со која ги официјализираме мерките кои ќе се преземат на локално ниво, а по препорака на Министерството за здравство, рече Маневски.

Испрати апел до граѓаните на Општина Делчево да ги почитуваат препораките од Министерството за здравство со цел да се сочува мирната епидемиолошка слика во Делчево и да се превенира пандемичната зараза.

– Се апелира до сите граѓани да го намалат движењето во институциите, освен за итни и неодложни работи. Движењето надвор од своите домови да го сведат на минимум, единствено за неодложни и итни потреби. Особено да се избегнува посета на угостителски објекти, паркови, отворени и затворени простори со капацитет за собирање на поголема група на луѓе. Апелираме, информациите поврзани со новонастанатата ситуација со COVID-19 (корона вирус) да се црпат исклучиво од Министерството за здравство, поради тоа што лажни информации креираат паника меѓу населението, додаде Маневски.

Меѓу останатите препораки кои денеска ги усвоија советниците се и временото укинување на приемните денови во Општина Делчево и работата со странки, дезинфекција на сите лиценцирани возила (комбиња, автобуси, такси) за јавен превоз. дезинфекција на градинките, основните и средните училишта, како и дневните центри согласно со препораките од Министерство за здравство и Министерство за образование и наука, редовно миење на улиците во централното градско подрачје, забрана за организирање локални настани, јавни собири, културни манифестации, промоции, панаѓури, саеми, спортски настани и слично на локално ниво, сѐ до моментот на изрекување нови мерки и препораки од страна на Министерство за здравство.

На сите лица кои биле надвор од територијата на Република Северна Македонија и на граѓаните кои се сомневаат дека имаат симптоми на корона вирус, дополнително им се укажува да се јават на телефонсите броеви: Ало докторе 02 15 123 и Центар за јавно здравје Кочани 071 373 913. вс/са/

Back to top button
Close
Close