Дописници МКДОпштински вести

„Солидарност, мобилност, иднина“ – нов мурал на ѕидот под велешката Спомен костурница

„Солидарност, мобилност, иднина“ е името на ѕидниот мурал изработен од уметникот Давор Кешкец, во продукција на Факултетот за работи што не се учат, со поддршка од Општина Велес.

Велес, 13 јули 2020 (МИА) – „Солидарност, мобилност, иднина“ е името на ѕидниот мурал изработен од уметникот Давор Кешкец, во продукција на Факултетот за работи што не се учат, со поддршка од Општина Велес.
Муралот е со површина од  околу 300 м2, изработен на 86 метри должина и 2,5 метри висина. Поради сообраќајните правила и прописи, едно метро од коловозот не е покриено со содржината на муралот.

Како што информира Филип Јовановски од продукцијата што го изработи муралот, не случајно е изберана локација на влезот на градот Велес.

-Локацијата има за цел симболично да прикаже поврзување на вредностите, пораките и приказните од останатите шест градови каде се изработуваат мурали, а тоа се заедништвото, солидарноста, анти-ксенофобијата, анти-национализмот, анти-фашизмот, слобода, еднаквост, појаснува Јовановски.

Тој потенцира дека муралот како целина претставува збир на временски периоди значајни за постоењето на Велес како град.

-Она што сакаме да го истакнеме за изработката на овој мурал е партнерска соработка со Општина Велес во правец на градење на едно уметничко дело кое ги одразува современите текови во општеството, а тоа се солидарноста, заедништвото, мобилноста, инклузивноста како параметри на еден паметен град на иднината. Муралот во Велес зборува за иднината, за вклученоста за одговорноста како и  грижата на граѓаните кон својот град, појаснува Јовановски.

Со изработка на муралот на  бетонскиот ѕид на влезот во Велес, на кружниот тек под Спомен-костурницата, Јовановски информира дека ќе продолжи програмата на годинашното  јубилејното, 15-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности.Муралот како целина претставува збир на временски периоди значајни за постоењето на Велес како град.

Соработници на уметникот се Стефан Младеновски, дипломиран графичар на факултетот за ликовни уметности  при УКИМ и член на ДЛУМ. Ангела Банчотова, дипломиран архитект (факултет за архитектура и дизајн при УАКС) и Тоше Пешовски, скулптор, студент на факултетот за ликовни уметности при УКИМ.

Вакви ѕидни мурали по Битола, скопско Ченто, Гевгелија и Велес ќе се исцртаат и во Штип, Прилеп и Кочани.ад/бт/

Таг
Back to top button
Close
Close