0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталМакедонија.СлајдерПолитика

Собранискиот Деловник ќе се реформира, но измените ќе ги донесе следниот состав

Пратениците ги приближиле ставовите и се согласиле за одредени аспекти за реформите на Деловникот, кои треба да ги донесе следниот парламентарен состав, но сепак остануваат и клучни разлики, е епилогот од третиот дијалог во рамки на Жан Моне процесот што се одржа вчера во Собранието.

Скопје, 2 февруари 2020 (МИА) – Пратениците ги приближиле ставовите и се согласиле за одредени аспекти за реформите на Деловникот, кои треба да ги донесе следниот парламентарен состав, но сепак остануваат и клучни разлики, е епилогот од третиот дијалог во рамки на Жан Моне процесот што се одржа вчера во Собранието.

На дијалогот  учествуваа претседателот на законодавниот дом Талат Џафери, пратениците од политичките партии кои се дел од Парламентот, како и тројца европратеници Илхан Ќучук, постојан известувач на ЕП за земјава, Андреас Шидер, претседател на делегацијата во Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија и Марион Валсман, потпретседателка на Делегацијата на Мешовитиот парламентарен комитет.

Како што информира собранискиот спикер Џафери, околу 90 проценти од прашањата за измените на Деловникот се затворени, меѓу нив е и тоа да се ограничи времето за конститутивната седница, но дел од разликите остануваат, како што е усогласување на Деловникот со новото уставно име Република Северна Македонија.

– Има дел во разликите по однос на критериумите за избор на идниот генерален секретар, и помошниците генерални секретари, во делот на допрецизирање во формално технички аспект да се доформулираат, нема разлики во однос на политичката определба за воспоставување принципи за идниот генерален секретар, и околу потребата за усогласување на нештата со уставните измени, имајќи предвид дека се наоѓаме во предизборие, тој дел го оставивме за наредниот состав да го допрецизира, за да не влеземе во политичка дебата во предизборието, рече Џафери.

Во однос на тоа дали има договор за ограничувањето на конститутивната седница и дали имаа гаранции дека нема да се повтори сценариото од 27 април, Џафери рече дека се согласиле за тајмингот за почнување и за завршување на таа седница, но во суштина ова нема да се усвои до конституирање на следниот парламентарен состав. – А за гаранциите дека нема да се повторни сценариото јавно ќе повторам, бидејќи е моја надлежност. како претседател на Собранието да свикам седница согласно постојните правила, да раководам со истата седница до избирање на новиот претседател на Собранието. Гаранција е мојот збор, така што нема да видите такви сцени на следната конститутивна седнива, истакна собранискиот спикер.

Андреас Шидер рече дека двата дена дијалог поминале во позитивна атмосфера и ја завршиле работата со изработка на нов Деловник на Парламентот на Северна Македонија, со што како што рече, со цел во иднина новиот состав на Собранието да работи поефикасно и со поголем фокус на политичките прашања, а помал фокус на тактизирање и блокирање.

Рече дека идејата за Жан Моне на ЕП беше да биде неутрален партнер во процесот и тоа треба да се има предвид особено во предизборниот период.

– Сакам да подвлечам дека сите политички лидери беа исклучително конструктивни за решавање на проблемите што беа посочени, и за изборот на генералниот секретар, за календарот, за времето за дебатирање. А она што не можеме да го направиме, особено пред изборите, е да дадеме одговори за она што некои од партиите би сакале да го посочат на нивните предизборни плакати, рече Шидер.

Известувачот на Европскиот Парламент за Северна Македонија, Илхан Ќучук, пак, рече дека и во иднина ќе соработуваат и со власта и со опозицијата, бидејќи има потреба од позајакната соработка кога станува збор за идните реформи поврзани со ЕУ.

– Собранието има водечка улога во парламентарната демократија. Клучниот процес на реформирање на  на земјата оди преку демократски постапки преку постигнување консензус меѓу политичките партии и различните чинители во општеството. Транспаретноста предвидливоста и инклузивноста, се главниот дел на парламентарната демократија. Ние сме пријатели на Северна Македонија и ќе продолжиме со нашиот цврст став, ќе бидеме пријатели и во лошо и во добро. Тука ќе бидеме да ви помогнеме да постигнете добри резултати што се важни не за политичката елита на земјата, туку најважно за граѓанското општество и за луѓето на Северна Македонија, рече Ќучук.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски истакна дека решиле неколку технички прашања.

–  Покрај другите решенија, најбитно е што успеавме да ја решиме злоупотребата на европското знаменце на законите што доаѓаат од Влада, а во изминатиот период од три години имавме многу такви случаи. Го поздравувме повлекувањето на предлогот на ограничување на дискусијата на три дена од страна на СДСМ на пленарна сесија, со што јасно укажува на фактот дека се спремаат за опозиција и не сакаат да ја ограничат дискусијата. Како и да е, го затвораме дијалогот за промени на Деловникот за овој пратенички состав, останува солидна основа за дијалог и за затворање на спорните прашања на следниот пратенички состав, рече Мицевски.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески, го повтори ставот дека оставаат добра основа за следниот пратенички осстав да продолжи да работи на овој начин, или по овој пат со надеж, како што рече, дека тоа што се случуваше во минатото никогаш повеќе нема да се повтори. 

Европратениците Ќучук и Шидер исто така порачаа дека Европскиот парламент е голем поддржувач на проширувањето и за што поскоро одредување датум за преговори на Северна Македонија. – Најважно е земјава да продолжи со реформите и сите политички лидери да бидат насочени и да се залагаат за прогресивни политики, а да не се обидуваат да ги менуваат нештата од минатото, децидни се европратениците.

Шидер рече дека најважно да се продолжи со реформите, но исто така на масата да се стави аргументот на реформите кои што веќе беа спроведени, а кои, оцени тој, не беа лесни за земјава. – Направивте големи чекори почнувајќи со решавањето на одредени прашања со соседите и воспоставување една подобра политичка култура, но најважното е сите политички лидери да бидат насочени и да се залагаат за прогресивни политики. Тоа е многу важно, да се дискутира за иднината, да се бараат решенија, и кога ќе се најдат тие да бидат усвоени, а не секогаш да се навраќаме наназад и да се обидуваме да променуваме нештата од минатото, подвлече европратеникот Шидер.

Според Ќучук, во најдобар интерес за Северна Македонија е патот кон НАТО и ЕУ, и, како што рече, ако тоа е улогата која вие ја гледате за вас ние сме подготвени да ви помогнеме во одржувањето на земјата на правилниот пат.

Третиот дел од дијалогот Жан Моне траеше два дена и се одржа во Скопје. По формирањето на новиот парламентарен состав ќе почне и четвртиот дијалог од процесот Жан Моне, како што посочија европратенците, бидејќи освен Деловникот, има и многу други прашања за кои треба да се дискутира.

Претходните два дијалога се одржаа во Охрид и во Скопје, а на нив учествуваа европратениците од минатиот состав на Европскиот парламент, Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн. нд/ац/

Таг
Back to top button
Close
Close