0_Македонија.ПорталПолитика

Собранието разгледа и усвои повеќе закони на 116. седница

Собранието во рамки на 116. седница денеска расправаше по повеќе закони, при што пратениците го усвоија Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор.

Скопје, 17 јануари 2020 (МИА) – Собранието во рамки на 116. седница денеска расправаше по повеќе закони, при што пратениците го усвоија Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор.

Во прво читање не беше усвоен Предлог на закон за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, предложен од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

На расправата за Предлог на закон за изменување на Законот за вработените во јавниот сектор, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев обвини дека власта во ноември и декември минатата година распишала 4.500 нови работни места.

– Во ситуација кога во Македонија има вработени во јавниот сектор како никогаш досега и кога нивниот број наближува до 150.000. на сето ова власта распишува 4.500 вработувања кои аде треба да бидат пополнети од кадровските листи на СДСМ од нивните општински организации, рече тој.

Ѓорчев излезе и со податок дека во 2002 година во Собранието имало 200 вработени од административните служби, а сега има меѓу 400 и 450. На тоа спикерот Талат Џафери одговори оти тоа тврдење не е точно и дека тој Собранието го наследил со 249 вработени, а оти сега нивниот број е 278.

Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања и за измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, предложени од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратениците од опозицијата бараат да се врати претходното законско решение со кое се вршело два пати годишно усгогласување на пензиите со трошоците на живот и со растот на платите. На тоа опозицијата одговори дека ВМРО-ДПМНЕ кога биле на власт вршеле усогласување само пред одржување на избори, и оти сега пензионерите ќе имаат најголемо покачување досега.

Собранието ја продолжи работата со 126. седница, на која на дневен ред се повеќе закони. нд/сп/

Таг
Back to top button
Close
Close