0_Македонија.ПорталПолитика

Собранието ги усвои измените на Законот за евиденциите од областа на трудот

Собранието денеска ги усвои измените на Законот за евиденциите од областа на трудот по скратена постапка. За измените на законот гласаа 52 пратеници, немаше воздржани и против.

Скопје, 21 јануари 2020 (МИА) – Собранието денеска го усвои Предлог на закон за изменување на Законот за евиденциите од областа на трудот, по скратена постапка. За измените на законот гласаа 52 пратеници, немаше воздржани и против.

Целта на измените и дополнувањета на Законот за евиденциите од областа на трудот е усогласување со Законот за инспекциски надзор и Законот за прекршоците. Со измените, надлежниот инспектор при вршењето на инспекцискиот надзор, доколку утврди повреди на одредбите од Законот за евиденциите од областа на трудот, со решение ќе му изрече опомена и ќе му определи рок во кој е должен да ги отстрани неправилностите и недостатоците.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за евиденциите од областа на трудот се врши усогласување со Законот за прекршоците во однос на одредувањето на висината на глобата за правното лице, одговорното лице во правното лице и работодавач – физичко лице. Исто така, се врши усогласување и во однос на институтот порамнување.

Опозицијата ја искористи можноста да го актуализира прашањето за заминувањето на луѓето од државата. Тие рекоа дека власта води погубни политики кои ги тераат луѓето да заминуваат. Пратениците од парламентарното мнозинство рекоа дека измените на законот се усогласување со Законот за прекршоци и оти оваа Влада, за разлика од 11-годишното владеење на ВМРО- ДПМНЕ води политики за интегрирање на државата во ЕУ и НАТО, а со тоа и задржување на младите да останат во С. Македонија.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Владимир Ѓорчев се повика на изјавата на германскиот заменик-амбасадор во Република С. Македонија, Ото Граф дека од државата во Германија лани побарале 10.000 работни визи.

-Само во Германија се доделени 10.000 работни визи. А каде ви се заминувањата за Шведска, Данска, Финска. Заминувањата за САД, Канада, Австралија. Само минатата година заминале 40.000 лица. Тоа е рекорд по сите основи. Додајте ги студентите, посдипломците, оние кои заминуваат на црно и додадете ги нивните членови на семејтвото. Додека ние зборуваме за Закон за евиденции од областа на трудот, ние повеќе нема што да евидентираме, рече Ѓорчев.

Тој се осврна и на падот на наталитетот и рече дека од 2016 досега бројот на новородени е намален за 2.800 деца, што, како што рече, тоа се 200 паралелки помалку.

Соња Мираковска од НСДП во реплика до Ѓорчев рече дека нема кој не е загрижен за заминувањето на младите и оти последните години новата владејачка коалиција прави стратегии за државата да влезе во ЕУ и НАТО.

-За вас порано ова прашање беше фаќање дневнополитички поени. Полска од 39 милиони жители, сега брои 37 милиони, Романија од 23 милиони, сега има 19 милиони жители. За вас во минатото заминувањето на граѓаните беше нормална појава. Ако бевте загрижени овие 11 години немаше да ги потрошите на правење куќички од стиропор. Благодарение на вашето несовесно работење, тој пороцес се уште трае. За овие години направивме најмногу за оваа земја, истакна Мираковска.

Јагода Шахпаска од СДСМ рече дека оваа Влада ги зголемила платите на лекарите, професорите, минималната плата и водела политики за подобрување на економската состојба на државата.

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО- ДПМНЕ, исто како неговиот сопаријец Ѓорчев говореше за иселувањето на граѓаните.

-Отидете на автобуска станица во Гостивар и ќе ја видите анкетата на работната сила. Секој викенд полни автобуси заминуваат за Австрија, Швајцарија, Германија, истакна Милошоски.

Тој ја спореди состојбата меѓу нашата држава и Србија, и рече дека од овде заминале двојно повеќе отколку од северниот сосед. Според него, Владата на Зоран Заев давала лажни надежи пред да дојде на власт, а ветувањата не ги реалзирала и поради тоа младите заминуваат.

Жаклина Лазаревска од СДСМ рече дека оваа Влада се грижи младите да останат тука. Како мерки ги спомна доделувањето 10.000 евра на млад земјделец, секој млад човек кој почнува свој бизис, државата му обезбедува 5.000 евра и друго. Таа истакна дека во времето откако СДСМ е на власт има нови 60.000 вработени. ир/са/

Таг
Back to top button
Close
Close