БизнисБизнис.ПорталЕкономија

Со владина помош ќе се зголемува квалитетот и понудата на ГТЦ Скопје

Изнаоѓањето можности за идни заеднички инвестиции за зголемување на квалитетот и понудата што ги има Градскиот трговски центар во Скопје, беше тема на денешната работна средба на вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска со директорот на Градски трговски центар, Ѓоко Трајчевски и претставници на Здружението на стопанственици и дуќанџии на ГТЦ. 

Скопје, 26 јуни 2020 (МИА) – Изнаоѓањето можности за идни заеднички инвестиции за зголемување на квалитетот и понудата што ги има Градскиот трговски центар во Скопје, беше тема на денешната работна средба на вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска со директорот на Градски трговски центар, Ѓоко Трајчевски и претставници на Здружението на стопанственици и дуќанџии на ГТЦ.

Претставниците на Здружението на стопанственици и дуќанџии на ГТЦ, како што изјави Царовска, на средбата кажале дека е направено многу за овие две и пол години за враќање на животот и амбиентот во трговскиот центар.

-Не само што има техничка промена и подобрување на условите и за корисниците и за стопанствениците, туку се создала и одредена реализација за заедничко инвестирање и развој на овој објект, а со тоа и на стопанствениците и на стопанските субјекти во овој простор. Со тоа директно се враќа и животот во центарот на градот Скопје, рече Царовска.

На средбата се дискутирало и за начинот на кој дуќанџиите во ГТЦ се соочуваат со предизвиците што ги донесе пандемијата со коронавирусот за економијата.

-Истакнаа дека искористиле голем дел од мерките и оти мерката за финансирање минимална плата од 14.500 денари им помогнала да ги задржат своите вработени на работните места. Околу 19.000 фирми во април и во мај ги користеа овие мерки со кои се покри минимална плата за околу 120 илјади работници во нашата држава што помогна да немаме драстично зголемување на процентот на невработеност, потенцира Царовска.

Директорот на ГТЦ Трајчевски оцени дека имале плоден разговор со вицепремиерката Царовска што, како што кажа, треба да придонесе ГТЦ во иднина да се развива.

-Се договоривме да направиме работна група и на работен состанок да ги изложиме сите проекти кои ги поседува ГТЦ и Здружението на стопанственици, да најдеме заедничко решение и да дојдеме до убави и квалитетни проекти кои можеме да ги имплементираме во периодот што следи, изјави Трајчевски.

Нагласи дека раководството на ГТЦ има одлична соработка со Здружението на стопанственици и оти се речиси едно семјество кое мора да функционира и заеднички да ги решава проблемите на ГТЦ.

-Проектите се тука и верувам дека во иднина ќе се имплементираат, рече Трајчевски и посочи дека покрај изградбата на „зелената градина“, целосно е сменето осветлувањето во ГТЦ и наместо неонско сега има лед осветлување со што е намалена потрошуваката на електрична енергија. вј/скс/

 

Back to top button
Close
Close