0_Македонија.ПорталКултураКултура.Портал

Со премиера на претставата „Натан мудриот“ почна со работа Гостиварскиот театар

Со премиерната изведба на претставата „Натан мудриот“ од Готхолд Ефраим Лесинг, во режија на Сулејман Рушити, синоќа започна историјата на Гостиварскиот театар, соопштија од Министерството за култура. 

Скопје, 14 декември 2019 (МИА) – Со премиерната изведба на претставата „Натан мудриот“ од Готхолд Ефраим Лесинг, во режија на Сулејман Рушити, синоќа започна историјата на Гостиварскиот театар, соопштија од Министерството за култура.

Министерот за култура Хусни Исмаили, честитајќи го почетокот на работата на Гостиварскиот театар, истакна дека театарот е храм на јазикот и културата и ако не го поддржуваме, стануваме странци во сопствената душа.

– Театарот е место каде што се спроведува мисијата за расветлување на природата на човекот, неговите желби, одлуки, внатрешни и општествени соочувања во борбата за поголем духовен и праведен свет и место за најискрен дијалог со публиката, нагласил Исмаили.

Претставата „Натан мудриот“, чие дејствие се одвива во Ерусалим, промовира хуманизам и религиозна толеранција каде што се вкрстуваат повеќе елементи: театар на говор, театар на дижење, видеопроекција и анимација, караѓоз-театар…

Во претставата се говори на албански, македонски и на турски јазик со цел и јазично да се пренесе атмосферата на мултиетничкото и мултикултурно општество на тогашниот Ерусалим, но и универзалната и безвременска вредност на хуманото дело на Лесинг.

Во „Натан мудриот“ настапуваат Висар Вишка, Шеќерие Илјази, Дритон Лазами, Ариан Ејупи, Ајше Усеини, Сенад Абдули, Береда Решит, Елмир Сејфулаи и Вјолца Бафтиу-Зилбехари. Сценографијата е на Арѓент Караи, а костимите се дело на Инес Голја. Изведбата на музиката во живо е на Аднан Алиу (кавал) и Драган Матески (тапани), а дизајнот на светло на Илија Тарчуговски. см/бак/

Back to top button
Close
Close