Дописници МКДОпштински вести

Со почитување на сите протоколи делчевската градинка „Весели цветови“ почна да згрижува деца

Со почитување на сите протоколи, денеска делчевската градинка „Весели цветови“ по речиси шестмесечна пауза ги отвори вратите на градинката и почна со згрижување на дечињата.

Делчево, 9 септември 2020 (МИА) – Со почитување на сите протоколи, денеска делчевската градинка „Весели цветови“ по речиси шестмесечна пауза ги отвори вратите на градинката и почна со згрижување на дечињата.
Како што информираа од градинката, дечињата на влезот беа пречекани од одговорно лице кое им мереше температура, а нивниот прием по воспитна група е со десетминутна временска разлика на влез.
– На влезот задолжително е растојанието од два метри, при што детето го спроведува еден родител и секогаш носи заштитна маска. Престојот на децата е организиран на начин на кој се избегнува меѓусебен контакт на различни воспитни групи на деца (сместени во одделни простории) во согласност со можностите, а игрите се препорачува да се организираат што е можно повеќе на отворено и во мали групи, информираа од градинката.
Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски по повод стартот на работата на градинка во услови на пандемија, истакна дека Општината ги спроведува сите активности за безбеден прием, згрижување и едукација на децата.
– Во текот на вчерашниот ден повторно е извршена целосна дезинфекција на градинката. Градинката има обезбедено доволно количини на дезинфициенси и маски за лице, а вработените се запознаени и ги почитуваат протоколите за работа. Сепак, најважна е личната одговорност на секој поединец, дете, родител, воспитувач, неговател и секој совесно да ја одигра својата улога во процесот, за да обезбедиме безбеден по здравјето прием и згрижување на дечињата. Да бидеме одговорни, да не се кријат информациите и строго да се почитуваат препораките и мерките, рече Трајковски.
Услугите на Детската градинка „Весели цветови“ во Делчево, според планираното, ќе ги користат 189 од веќе примените 370 дечиња. вс/рп/

Back to top button
Close
Close