Kultura.SlajderВидео изјаваКултураКултура.Портал

Со грант од САД од 91.000 долари ќе се изврши санација на Чифте амам

Министерот за култура Асаф Адеми и американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли денеска го потпишаа договорот за доделување грант на санација на Чифте Амам, во износ од 91.000 американски долари.

Скопје, 31 октомври 2018 (МИА) – Министерот за култура Асаф Адеми и американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли денеска го потпишаа договорот за доделување грант на санација на Чифте Амам, во износ од 91.000 американски долари.

Грантот го доби Националната галерија на Македонија од Амбасадорскиот фонд на САД за заштита на културата за 2018 година, за проектот „Санација на оштетувањата од влага, (ентериер и екстериер), заштита од продор на атмосферска вода, заштита од УВ зрачење и оградување на културното добро Чифте амам“.

Министерот за култура Асаф Адеми рече дека со потпишувањето на договорот продолжуваат заложбите да се обезбеди долгорочност на овој репрезентативен споменик на културата дел од Националната галерија на Македонија, што е и е во функција на мултимедијален изложбен простор.

– Секој град има свои белези, своја историја и објекти кои некогаш биле дел од нечие минато, а денеска се културно историски споменици ставени под заштита на државата. Времето на амамите е одамна изминато, но се уште се восхитуваме на убавината на објектите. Чифте амамот е место каде што се чувствуваат сите пори на едно минато време, кога бил изграден како завештание на Иса бег.

Потсети дека ова значајно културно наследство беше доведено во опасност во поплавите во 2017 година и од тие причини, наведе оти е убеден дека со овој грант ќе се изврши целосна заштита на објектот со што ќе му се врати неговиот полн сјај.

Адеми истакна дека претходно со поддршка од Министерството за култура, беа извршени интервенции за промена на постојното осветлување и инсталација на ново галериско осветлување со најнова технологија без штетни влијанија врз изложените артефакти.

Рече дека грантот за Чифте амам е втор грант доделен на Националната галерија на Македонија од амбасадата на САД, по првиот од 2010 година што беше наменет за реконструкција и изградба на дренажен канал на Даут пашиниот амам.

Американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли, рече дека грантот се доделува со цел да се заштити еден историски објект што се наоѓа „во срцето на Старата чаршија“.

Потсети дека проектот за санација на Чифте амам е третиот проект што амбасадата на САД го потпишува во Старата чаршија. Во изминатите години САД, истакна Бејли, САД поддржаа неколку други важни културни реставрации, вклучувајќи ги Даут пашиниот амам, Црквата Свети спас, и Сули ан.

– Амбасадорскиот фонд на САД е наменет за проекти, при што од целиот свет пристигнуваат предлози за проекти за кои што одлучуваат експерти во Вашингтон. И да бидам искрен реткост е да се види толку многу проекти да се реализираат на едно место, кои што се завет за културната вредност на Старата чаршија, не само за Македонија, туку и за светот, рече Бејли.

Додаде дека изобилството на стара архитектура – цркви, џамии, амами, е она по што се препознава овој регион.

– Во Старата чаршија можете да посведочите за периоди од историјата и културата, од Римско време и од Византија, како и на најсовремен период, како што гледате сега во Чифте амам, изложба на современа уметност, од периодот на Југославија. Старата чаршија е отворен, жив музеј, енергично, мултикултурно место, што сведочи за мирно сожителство меѓу луѓето, без разлика на религијата, јазикот, етничката припадност, истакна Бејли.

Американскиот амбасадор во земјава заклучи дека овој проект е вистинско партнерство меѓу Македонија и САД, при што американската Влада ќе продолжи да поддржува културното наследство на земјата.

Директорката на Националната галерија на Македонија Дита Старова Керими рече дека реализацијата на проектот е предвидено да трае 18 месеци и оти веќе започнал во јуни 2018 и ќе трае до крајот на 2019 година.

– Чифте амам, објект што претставува културно наследство под заштита на државата, што во невремето во јуни 2017 година беше доведен во исклучителна опасност, целосно ќе биде заштитен. Со поддршка на Министерството за култура одобрени се средства во износ од 1.665.000 денари за промена на постојаното и веќе инсталирано галериско осветлување со најнова технологија, економски оправдана, со мала потрошувачка на електрична енергија, технологија која е „пријателска“ за изложените артефакти без штетни влијанија, рече Старова Керими.

Проектот е изготвен во 2013 година, за истиот е издадено Конзерваторско одобрение за санација на оштетувањата од влага (ентериер и екстериер), заштита од продор на атмосферска вода, воведување на систем за вентилација на ентериерот, заштита од УВ- зрачење и оградување на Чифте амамот. 

Проектот за санација на Чифте амам ќе се одвива во повеќе фази со финансиско учество на Министерството за култура во рамките на инвестициски проекти од буџетот на Министерството за 2018 година, во износ од два милиони денари и со помош на средства од доделениот грант во висина од 91.000 американски долари. нд/са/

 

 

 

Back to top button
Close
Close