0_Web_Актуелно0_МИА Истражува.ПорталДописници МКДСторија

Со два бастуна низ Кавадарци, 85-годишниот Митре е пример за кавадарчани

Со два бастуна се движи низ Кавадарци, 85-годишниот Митре Јаневски е пример за своите сограѓани. Тие што го познаваат, велат дека од него треба да учат помлади кои наместо да се рекреираат и да се движат во природа, прекумерно седат пред компјутери и со паметните телефони, но и постари, кои не знаат што со себе во третата доба и како паметно да се искористи вишокот слободно време во староста.

Кавадарци, 17 септември 2020 (МИА) – Со два бастуна се движи низ Кавадарци, 85-годишниот Митре Јаневски е пример за своите сограѓани. Тие што го познаваат, велат дека од него треба да учат помлади кои наместо да се рекреираат и да се движат во природа, прекумерно седат пред компјутери и со паметните телефони, но и постари, кои не знаат што со себе во третата доба и како паметно да се искористи вишокот слободно време во староста.

Го сретнав на излезот од кавадаречкиот градски парк, кој важи за еден од најубавите во државата, кај некогашниот култен ресторан ,,Бриони“, а го фотографирав и како се движи полека накај градот. Ми кажа дека пешачењето му е редовен ритуал на кој му посветува внимание и од кој не се откажува.

-Ја терам 86-тата година од животот. Пешачам редовно секое сабајле. Своевремено работев во прилепскиот, па во кавадаречкиот дрвен комбинат. Едно време, во планината, од каде што се обезбедуваше дрвната маса. Учествував и во изградбата на жичарата, за пренос на дрвени трупци, од Мајден до Клинската леса. Работев и други работи откако пропадна комбинатот, па работев и како овчар и како говедар во тогашната фирма ,,Доне Попов“. Постојано одев по овците и говедата, навикнат сум, затоа не ми е проблем одењето и сега на овие години. Многу мои врсници, но и многу помлади од мене, не би го издржале моево темпо. Пензионер сум, па редовно си се шеткам ете тука во паркот, на чист воздух. Вртам кругови, па уште малку одоколу. Редовно одам, оти се чувствувам добро, само малку ете нозете ме болат, можеби од тоа што денови и денови сум поминал во планината како комбинатски работник, но и како овчар и говедар. Редовно си наоѓам друштво тука во паркот, си делкаме муабет на разни теми. Тука никогаш не е здодевно. Напротив, многу е забавно, рече чичко Митре, видно задоволен ете што си помуабетивме како со години да се знаеме.

Секогаш кога сретнувам витални луѓе на возраст околу неговата, се интересирам околу тоа има ли тајна формула околу тоа што да се јаде и пие, за да се сочува здравјето, ведриот дух и позитивната енергија. Има ли некој ритуал што се практикува, или пак можеби, прашувам во шега, има некоја магија која треба да се направи, за човек да поживее повеќе години, а се уште да го држи умот и да не изгуби ништо од смислата за хумор.

-Нема таен рецепт за долговечност, ако тоа тоа те интересира. Ме прашуваш колку сакам да живеам и дали имам таен договор со дедо Господ за стотка, но еве што ќе ти кажам. Колку даде Господ, толку. Но, едно имај на ум. Мојот вујко изживеа 103 години. А јас, како што одам, гајле немам, со насмевка  рече тој, внимателно чекорејќи нога за нога.

Притоа, објаснувајќи прецизно, како во младоста кога ги броел трупците во планината, дека толку и толку извртени кругови околу Sпомен костурницата во паркот значат толку и толку изодени метри, или толку и толку поени на животната сметка на човекот.

Светлана Дарудова

Back to top button
Close
Close