0_МИА Истражува.ПорталДописници МКДОпштински вестиРепортажа

Снежана Гиевска со децении вдомува бездомни кучиња и мачки

Снежана Гиевска е меѓу малкутемина жители на Тетово кои вдомуваат голем број бездомни мачки и кучиња со цел да ги спасат од улиците. За да има доволно место за спокоен живот на миленичињата се преселила од Тетово во блиското село Брвеница, каде што има имот со големо дворно место. Со посебни влезови и места за нив во објектот и дворот, местото на Снежана е приспособено за сите вдомени мачки и кучиња.

Тетово, 12 јануари 2020 (МИА) – Снежана Гиевска е меѓу малкутемина жители на Тетово кои вдомуваат голем број бездомни мачки и кучиња со цел да ги спасат од улиците. За да има доволно место за спокоен живот на миленичињата се преселила од Тетово во блиското село Брвеница, каде што има имот со големо дворно место. Со посебни влезови и места за нив во објектот и дворот, местото на Снежана е приспособено за сите вдомени мачки и кучиња.

– Годинава најмногу на број имав 22 мачиња и четири кучиња. Сега имам две мачиња кои починаа од болест и две кучиња помалку затоа што некој ми ги отру. Инаку се грижам и вдомувам хендикепирани животни, баш оние кои никој не сакал да ги земе. Имам едно без око, другото е без ноџе, третото е без задната нога, четвртото е без опашка и да не набројувам. Значи разни хендикепи што сум успеала да ги санирам со помош на ветеринарот Зуфер Џелили, кој безусловно ми помага, потенцира соговорничката.

Таа објаснува дека многу е важна посветеноста што одредени луѓе ја имаат кон овие миленици.

– Тие што чуваат многу миленици дома фактички се и подобри згрижувачи од самата општина, бидејќи, за жал, секојдневно има примери на бездомни кучиња со беснило кои напаѓаат луѓе. Сите кучиња и мачки што ги чуваат згрижувачите дома се носат и на ветеринар за соодветен третман, со цел да бидат стерилизирани и вакцинирани, за да бидат здрави, но и да се избегне, на пример, беснило кај кучињата, за да не напаѓаат луѓе, вели Снежана.

Со децении се грижи за животните и досега има згрижено стотици мачки и кучиња. Таа се ужаснува од постапките на несовесни поединци кои ги трујат животните.

– Кога ќе видите затруено маче или куче, гледате страшна глетка. Јас сум пробала да спасам затруени, па тоа се страшни болки, за кои ми се чини дека душман на душман не би му ги направил. И затоа би апелирала до сите добри луѓе, до органите во општината, немаме само ние, луѓето, право на живот на Земјава, имаат и кучињата, и мачињата, и целата фауна. Има право и флората околу нас, сè тоа е создадено за заедничка убавина. Јас лично со тоа што ги сакам, со тоа што им помагам, со тоа што се трудам да им обезбедам убав живот, да ги имам околу себе, сум поголема и побогата. Побогата сум за едно огромно чувство, една љубов несебична и безусловна што ми ја даруваат. Јас сум со нив многу среќна, ни рече Снежана.

За активизмот во насока на заштита на животните разбрале и во Холандија, од каде што неодамна ја повикаа во посета за да ги искуси тамошните искуства. Исто така добила и материјална помош од Здружението за заштита на животни „Отворени раце“ од Холандија за понатамошните мерки.

– Таму нема бездомни кучиња и мачки по улиците. Сите се згрижени и вдомени. Општинската служба нема многу работа. Со редовна кастрација на ниво на општини и на држава е решен проблемот со тоа што нема неконтролирано зголемување на бројот на кучиња како кај нас, каде што се оставаат на улица од несосвени сопственици. Видов само одговорни сопственици кои ги шетаат на поводник, вели Снежана.

Домаќините ја советувале како таа да ги искористи тамошните искуства за собирање средства за помош на бездомни животни.

– Миеке Аугусти и Тео Губелс беа иницијатори да бидам гостинка во Холандија и во Белгија. Направија акција со продажба на колачи за да ги покријат трошоците за мојот престој. Исто така собраа средства за понатамошно грижење на моите миленици за храна, стерилизација и медикаменти. Рита Билен и Рене Генне ме одушевија со својата идеја како јас тука да соберам средства за животните. Огромно искуство во згрижување и лекување на животните добив од Пончо Везел, кој има богато меѓународно искуство, објаснува тетовката.

Куќата и имотот каде што живее Снежана ги именувала како „Мачка-рај Зелена Долина“ и сака да создаде едно поинакво место што во иднина ќе биде препознатливо како поголем дом за хармонија на луѓе, животни и растенија.

– За да го правиш ова што го правам и некои други личности што ги знам, треба да си несебичен човек, треба да имаш огромна љубов за животните и дадеш повеќе од што можеш. Да не ти е срам да направиш пишанка во пет-шоп за да земеш храна за нив, затоа што немаш доволно средства да купиш. И тие од пет-шоп да имаат стекнато доверба во вас, за да ви дадат. Мојата љубов кон бездомните посебно. Јас ги сакам сите, ама е дел од мојата личност, од мојот карактер, вели Снежана.

Александар Самарџиев

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close