0_Web_Актуелно0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderМИА ИстражуваОпштествоТема

Слобода на израз во време на пандемија – помеѓу притисоците, нападите и информативната криза

Слободата на израз во Северна Македонија изминатиот период пркосеше на дезинформациите, различни притисоци, напади и дискредитации, корупција, едностраност и сензационализмот. Медиумскиот израз се движеше на работ помеѓу желбата за праведност и објективно информирање, лажни вести и системот со закоравена бирократија и културата на неказнивост.

Скопје, 4 мај 2021 (МИА) – Слободата на израз во Северна Македонија изминатиот период пркосеше на дезинформациите, различни притисоци, напади и дискредитации, корупција, едностраност и сензационализмот. Медиумскиот израз се движеше на работ помеѓу желбата за праведност и објективно информирање, лажни вести и системот со закоравена бирократија и културата на неказнивост.

Сето ова го освои 90-тото место во светот според слобода на медиуми, кое ја сместува Северна Македонија на средината од редоследот на последниот извештај на Репортери без граници, веднаш зад Молдавија и пред Перу. Иако е за две места погоре во однос на минатата година, медиумските работници сè уште имаат притисок во слободата на изразување. Ова го тврди претседателот на Здружението на новинари, Младен Чадиковски, кој со МИА сподели дека тенденциите за притисок секогаш постојат, според него, можеби не толку од централната власт, колку што некои од институциите, од вториот и третиот ешалон, кои ја искористија пандемијата како изговор во одредени сегменти, да не бидат доволно отворени и транспарентни пред јавноста.

– Слободата на говорот е директно во корелација со оние физички напади и загрозување на интегритетот, достоинството па и личноста на новинарите на социјалните мрежи преку напади, закани, навреди, кои, за жал, не се процесираат, и за нив многу ретко гледаме некаква разрешница. Лани имаше 16 регистрирани напади, можеби се и повеќе, од кои само еден беше решен, што навистина е незадоволителен податок, вели Чадиковски.

Тој дополни дека во корелација со Министерството за правда, работат на тоа да променат делови од Кривичниот законик во кои што ваквиот напад врз новинарите ќе се третира како напад врз службено лице, за да можат Обвинителството и Министерството за внатрешни работи да постапуваат и по службена должност а не да чекаат на пријава која што подоцна не се процесира.

На него се надоврза и Весна Никодиноска од Македонски институт за медиуми, која со МИА сподели дека изминатата година имаше многу случаи кога мразечките наративи беа насочени кон новинарките.

– Имаше повеќе случаи на закани, навреди и напади на социјалните мрежи. Новинарките беа дискредитирани професионално и приватно, тоа беа притисоци насочени кон нив, меѓутоа и кон медиумите во кои што работат. Од сите случаи на напади кон новинари, регистрирани минатата година, само еден случај имаше брза и институционална разрешница, посочи Никодиноска.

Информативната криза автоматско ограничување на слободата на израз

Долгогодишниот новинар, во моментов генерален директор на Медиумската информативна агенција, Драган Антоновски, со МИА сподели дека пандемијата ја промени само формата и начинот на работа, а предизвиците на професијата останаа непроменети.

– Проблемот со дезинформации, со медиумска (не)писменост, со лажни вести на сите нивоа, со дефокус од клучните теми и површноста си останаа како и претходно. Пандемијата само нè научи дека добар дел од работите може да се вршат и со работа од дома, нè научи дека клучно е да се поставуваат прашања на пресовите, сеедно дали тоа ке биде преку Зум, Дуо или Скајп. Секако, нè научи дека треба да бидеме внимателни, да се чуваме и себе си и колегите и дека заштитината опрема е едно, ама личната одговорност, колку, како и каде ја употребуваме е клучното, вели Антоновски.

На ова се надоврзува и претседателот на здружението на новинари, Младен Чадиковски, кој со МИА сподели дека слободата на израз уште на самиот почеток на пандемијата беше сама по себе ограничена поради онлајн конференциите за кои немаше можност за прашања.

Новинарките Менче Атанасова Точи од Телевизија 24 Вести и Вјолца Алити од Алсат Телевизија, ја посочија информативната криза и недоволниот пристап до информации за кој сметаат дека на некој начин им ја ограничи слободата на израз.

– Мислам дека медиумите беа ограничени малку од надлежните институции токму заради пристапот до информации и таа централизираност на информации. Не може министерот да знае сè, секогаш. Постојат стручни лица од превентива, од комитетот за имунизација и така натаму. Така што, иако имавме потполна слобода да пишуваме она што сметаме, бевме ограничени во пристапот до информации, вели Точи за МИА.

Алити се надоврзува на Точи и го споделува предизвикот за пристап до информации.

– Мислам дека за време на пандемијата новинарите немаа слободен пристап, или, можам да кажам дека имавме информативна криза, бидејќи не можевме лесно да добиеме информации во текот на пандемијата. Беше потребно од утрото до крај на денот да контактираме неколку институции за да стигнеме до потврдени информации и потоа да ги објавиме за граѓаните, вели Алити за МИА.

Заканите, нападите и насилството не изостанаа, најмногу од нив на интернет

Закани за насилство врз новинарите во земјава, се констатирани и во годишниот извештај на Стејт департментот за почитување на човековите права, во кој се посочува дека „културата на неказнивост е добро вкоренета и сè уште е пречка за безбедноста на новинарите“, како и дека „бројот на физички напади врз новинари се намали, но сепак, постои растечка практика на компјутерско малтретирање и вербална злоупотреба“.

На ова се надоврзува и Весна Никодиноска од Македонски институт за медиуми, која во изјава за МИА истакна дека дел од интернет медиумите често ги прекршуваат професионалните стандарди, а говорот на омрза и мразечките наративи најчесто се присутни на социјалните мрежи. Мразечките наративи најчесто се насочени кон политичките опоненти, етничките и религиските групи, но и кон новинарите.

На неа се надоврзува Чадиковски кој вели дека е неопходно креирање на јавна култура и свест кај политичарите да престанат со ваков тип на говор на нетрпеливост во одредени ситуации кај новинарите.

– Ние имавме минимум 30 реакции лани и во текот и на оваа година, при што постојано укажуваме дека тоа е проблем, најчесто наидуваме на одобрување и прифаќање па политичарите откако ќе згрешат, знаат да се извинат, но, мораме да најдеме начин да го стопираме тој тренд, бидејќи секое ширење на истиот значи ограничување на слободата на говорот, вели Чадиковски.

Во таа насока, Антоновски се надоврзува и посочува дека новинарската професија има проблем бидејќи, според него, просторот е сериозно загаден.

– Прво со дел на недоволно обучени новинари, непрофесионални медиуми-средства за (дез)информирање, отворена и скриена пропаганда која полуписмената публика едноставно ја замајува и ја манипулира. Злоупотребени се добар дел од порталите, фејсбук просторот и целиот пакет на социјални мрежи, цела една машинерија на произведувачи на лажни вести, говор на омраза, кои просечниот читател тотално го изместуваат и ја убиваат вистината, вели Антоновски.

Тој заклучува дека ние немаме проблем со слобода на изразување, туку со новите предизвици од „слободни“ лажни вести, лажни медиуми, пропагандата и дезинформациите и недефинираноста на извори со што во тој контекст, според него, тоа е предизвик на кој мора да се дејствува и да се види што значи (само) регулацијата.

Во Советот за етика во медиумите, најмногу жалби изминатата година имало за непрофесионално и неетичко известување, но имало и жалби поврзани со сензационализмот.

– Ние редовно добивавме жалби за непрофесионално и неетичко известување во медиумите што укажа дека граѓаните навистина беа засегнати околу медиумското известување, најмногу се реагираше на нарушување на Член 1 од Кодексот на новинари, односно на еднострано пренесување информации, недоволно консултирање околу информациите, недоволна проверка на истите, изјави за МИА Марина Тунева, извршен директор на СЕММ.

Тунева вели дека добивале и жалби поврзани со сензационилистичкото известување, ситуации во коишто насловите што се пласирале не кореспондирале со текстовите и предизвикуваа дополнителна паника и вознемиреност.

Антоновски смета дека сето ова се должи на тоа бидејќи медиумскта дебата остана заглавена во проблемите од пред 10 години.

– Додека професионалната медиумска заедница се фемка дали да се огради од непрофесионалните медиуми и медиумски ликови кои ја злоупотребуваат професијата, публиката останува збунета и изманипулирана, на крајот, ако сакате, неинформирана. Професионалите здруженија мора да соберат храброст и да направат разлика меѓу слобода на изразување, слобода на клеветење и слобода на лажни вести, вели Антоновски.

Со што вели дека е потребна дебата во која ќе се направи разлика меѓу професионалноста и злоупотребата на професијата.

Новинарството е професија што сама по себе носи низа предизвици и опасности. Желбата да се биде прв во информирање за вистината некогаш се засенува со пласирање на непроверена информација, која ги доведува читателите во заблуда. Пандемијата на коронавирусот наречена „најголемата инфодемија“ со себе донесе дополнителни предизвици и ја изложи слободата на израз на пиедесталот помеѓу притисоците, полтронизмот, личната безбедност и напливот од дезинформации.

Ангела Рајчевска

Кристина Ивановска

 

Таг
Back to top button
Close
Close