Дописници МКДОпштински вести

Слаб одзив за упис во прва година во трите гимназии во Дебарско

Во трите гимназии, колку што функционираат во дебарскиот регион, во првото пријавување забележан е слаб одзив за упис во првата година за учебната 2021/2022 година.

Дебар, 16 јуни 2021 (МИА) – Во трите гимназии, колку што функционираат во дебарскиот регион, во првото пријавување забележан е слаб одзив за упис во првата година за учебната 2021/2022 година.  

Во трите образовни институции, во кои место има за 408 завршени основци, се пријавиле вкупно 86, а запишани се 73 ученици. 

-Во нашата гимназија се пријавија 47, од нив за настава на македонски девет, од кои запишани се шест, додека на албански наставен јазик 38, а се запишаа 35 ученици. Квотата за упис, според конкурсот на Министерството за образование и наука е 272 ученика на двата наставни јазика, 102 на македонски и 170 на албански, информираа од управата на гимназијата „28 ноември“ во Дебар. 

Во гимназијата „Маврово-Ростуше“ во Ростуше, според секретарот Бошко Божиновски, пријавени се 20, а запишани 13 ученици. Во оваа образовна институција квотата за прва година е 68 ученици, сите на македонски јазик. 

-Во нашата гимназија квотата е 68 ученици во две паралелки со настава на македонски и на турски наставен јазик. За паралелката на македонски се пријавија четворица, а за онаа на турски наставен јазик 15 завршени основци и сите се запишани, изјави за  МИА, Сабри Асан директор на  гимназијата „АТА“ во Центар Жупа. 

Заедничка оценка е дека во другите пријавувања бројот ќе биде поголем, бидејќи завршените основци, како што велат, најпрво среќата ја испробуваат во некое средно стручно училиште во државава, пред се медицинските училишта, како што впрочем се случувало и во изминатите години.вт/бт/

Таг
Back to top button
Close
Close