ОпштествоСкопје

Скопските пожарникари за една недела изгаснале седум огнови на отворено

Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје во периодот од 23 јануари до 29 јануари оваа година на телефонскиот број 193, кој е дел од кампањата „Пријави оган на отворено“, регистрирала 13 пријави од граѓаните.

Скопје, 30 јануари 2020 (МИА) – Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје во периодот од 23 јануари до 29 јануари оваа година на телефонскиот број 193, кој е дел од кампањата „Пријави оган на отворено“, регистрирала 13 пријави од граѓаните.

Од вкупниот број јавувања, во седум случаи пожарникарите излегле на терен со противпожарни возила и го изгаснале огнот што горел на отворено. Останатите шест пријави од граѓаните се проследени кај инспекторите на Град Скопје за да покренат постапка против сторителите.

– Во сезоната со зголемено загадување на воздухот, Град Скопје ја продолжи кампањата за пријавување огнови на отворено на бесплатната телефонска линија 193. Град Скопје преку својот инспекторат и Територијалната единица за противпожарна заштита, а во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи и Црвениот крст организира мешани тимови кои работат секој ден, 24 часа, и се справуваат со огновите на отворено, информираат од прес-службата на Град Скопје.

Оттаму посочуваат дека оваа кампања се спроведува трета година и досега има одлични резултати.

Град Скопје и Бригадата за противпожарна заштита апелираат граѓаните да ги пријавуваат сите случаи на палење оган на отворено, за да може огнот што побрзо да биде изгаснат, а сторителите да се санкционираат.фф/лв/

Back to top button
Close
Close