0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderОпштество

Скопје најголемо жариште на Ковид-19, есенскиот бран ќе биде сериозен предизвик

Во текот на вчерашниот ден регистрирани беа вкупно 163 новозаразени со Ковид-19, 40 оздравени, и тројца починати. Со ова, бројката на вкупно активни случаи во земјава се искачи на 3.284. Највисоките бројки се уште се бележат во Скопје, а најмногу во Чаир.

Скопје, 27 јуни 2020 (МИА) – Во текот на вчерашниот ден регистрирани беа вкупно 163 новозаразени со Ковид-19, 40 оздравени, и тројца починати. Со ова, бројката на вкупно активни случаи во земјава се искачи на 3.284. Највисоките бројки се уште се бележат во Скопје, а најмногу во Чаир.

Како што соопшти вчера Министерството за здравство, од новодијагностицираните најмногу се регистрирани во Скопје-70 лица, во Куманово-2, Дебар-6, Штип-14, Прилеп-2, Тетово-25, Струга-4, Велес-2, Битола-1, Охрид-9, Кавадарци-3, Гостивар-11, Струмица-1, Крива Паланка-2, Кочани-3, Свети Николе-4, Ресен-4.

Од 40-мината оздравени, шест се од Скопје, еден од Куманово, од Штип-16, Прилеп-1, Тетово-9, Велес-2, Битола-1, Гостивар-2, Кочани-1 и Ресен – едно лице.

Во ГОБ „8 Септември“ починаа три лица, пациент од Ресен (42г) хоспитализиран на 13 јуни и двајца пациенти од Скопје (71г) хоспитализиран на 15 јуни и пациентка (83г) хоспитализирана на 23 јуни, информираше вчера Министерството за здравство.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 5758. Бројката на оздравени пациенти е 2206, на починати е 268, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3284.

Откако пред околу две недели драстично почна да се зголемува бројот на новодијагностицирани од коронавирус во земјава, а со што беше прогласен и вториот пик на епидемијата, во Скопје се бележат највисоките бројки, најмногу во општина Чаир со вкупно 421 активни случаи. Потоа следуваат општините Аеродром – 143, Бутел – 139, Гази Баба – 149, Центар – 125, Карпош – 125.

Сепак, во овој момент, како што оцени министерот за здравство Венко Филипче, нема индикација за воведување дополнителни рестрикции во движењето. Изминатите неколку дена факторот на пренос на КОВИД-19 е под единица и ако така остане, очекувањата се дека бројот на заболени ќе се намали.

Според Филипче, и покрај вториот бран кој е со поголем интензитет од првиот, ситуацијата добро се менаџира, а здравствениот систем има капацитет да ги прими сите пациенти. Располага со доволно болнички кревети и со доволно кадар – лекари и медицински сестри.

-Еден од главните критериуми врз на кои се проценува дали и какви мерки треба да се воведат е капацитетот на здравствениот систем – број на слободни болнички кревети и кадар, што ние засега добро го менаџираме. Има сосема доволно и кревети и лекари и медицински сестри. Не постои друг принцип врз основа на кој би се вовеле некакви мерки, освен овие на кои се темелат и нашите политики и препораки, подвлече Филипче.

Она за што министерот најмногу предупреди е фактот дека доаѓаат есенските месеци кога луѓето повеќе ќе бидат во затворено и ќе почнат да работат школите. Ова се според него сериозни ризик фактори и може да биде сериозен предизвик за здравствениот систем, многу поголем и од првиот и од вториот бран.

Тврди дека здравствениот систем сега е многу поспремен од почетокот на кризата, но оти не е целта да се зафатат сите кревети, туку да се спречи вирусот. Повторно апелира да се почитуваат мерките  бидејќи, како што наведе, само така и заеднички можеме да се справиме со пандемијата.

Филипче вчера имал средба со претставници на Исламската верска заедница, а планира да се сретне и со претставници на МПЦ, како и со претставници на невладини организации. Врз основа на тоа ќе иницира заеднички состанок со Владата.

Целта е активно вклучување во кревање на свеста за коронавирусот и потребата од почитување на мерките за лична заштита.

– Борбата со вирусот ќе трае, но ние мора да научиме да живееме со него и да се заштитиме. Сметам дека е од огромно значење сите општествени чинители активно да се вклучат, да го искористат своето влијание во зедницата во подигнување на свеста за коронавирусот и потребата од почитување на мерките за лична заштита. За ова е неопходен дијалог на сите општествени нивоа. За оваа цел, Министерството за здравство иницира заедничка средба на претставниците на владата, невладините организации и верските заедници на која ќе ги дефинираме начините за активно вклучување на сите и обединување во борбата со вирусот, истакна Филипче.бт/са/

Таг
Back to top button
Close
Close