0_Web_АктуелноДописници СветМКДПолитика

СИРИЗА бара од Мицотакис веднаш да ги донесе во Парламентот договорите со Северна Македонија

Мицотакис има две опции или веднаш да ги донесе за ратификација во Парламентот билатералните договори со Северна Македонија или да признае дека ја има изгубено контролата, не само во земјата, туку и во неговата партија, порачува портпаролот на СИРИЗА Насос Илиопулос, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 29 септември 2020 (МИА) – Мицотакис има две опции или веднаш да ги донесе за ратификација во Парламентот билатералните договори со Северна Македонија или да признае дека ја има изгубено контролата, не само во земјата, туку и во неговата партија, порачува портпаролот на СИРИЗА Насос Илиопулос, јави дописничката на МИА од Атина.

Илиопулос коментира дека вчера, Владата на Мицотакис го призна Договорот од Преспа како историски, и додава дека повлекувањето на терминот „историски“, „ја потврдува големината на измамата“.

Паралелно, ја прашува Владата за вчерашната посета на Солун на владини претставници од Северна Македонија, со кого се сретнале и „зошто средбите беа чувани во тајност?“.

Претседателот на грчкиот Парламент Константинос Тасулас, минатата седмица рече дека ратификациите на договорите со Северна Македонија не се итни, откако претходно од СИРИЗА обвинија дека Владата од страв дека ќе има различни ставови од пратениците на Нова демократија, „на неодредено го одложува гласањето“.

Предлог законите за „Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ“, за „Меморандумот за формирање на Координативен комитет за економска соработка“ и за „Техничката спогодба за надгледување на FIR Скопје“, на 14 и 15 септември беа доставени во грчкиот Парламент.

Засега, не постои конкретен датум за почеток на предвидените процедури, односно прво да бидат презентирани пред Комисијата за национална безбедност и надворешни прашања, а потоа и да бидат ставени на гласање на седница во Парламентот. ср/ац/

Таг
Back to top button
Close
Close