0_Македонија.ПорталВидео изјаваОпштество

Синдикатот на УПОЗ го осуди однесувањето на дополнителниот заменик-министер Трипуновски

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пеце Грујовски на денешната прес-конференција го оквалификува однесувањето на дополнителниот заменик-министер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски како непримерно бидејќи, како што рече, неговото однесување претставува нарушување на личниот интегритет на вработените и своевиден мобинг.

Скопје, 19 јануари 2020 (МИА) – Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пеце Грујовски на денешната прес-конференција го оквалификува однесувањето на дополнителниот заменик-министер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски како непримерно бидејќи, како што рече, неговото однесување претставува нарушување на личниот интегритет на вработените и своевиден мобинг.

– Апелираме до сите носители на јавни функции да се воздржуваат во натамошниот период до изборите од снимање, а доколку тоа е потребно за работниот процес, должни се тоа да го најават во Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за заштита на лични податоци, нагласи Грујовски.

Тој посочи дека, со цел спречување понатамошни такви случувања, Синдикатот на УПОЗ ќе ги извести и Европската и Светската федерација на синдикатите од јавниот сектор кои, како што наведе, имаат големо влијание во европските институции.

– Носители на јавни функции да не ја злоупотребуваат јавната администрација и да не ја користат за сопствен партиски маркетинг и интереси заради остварување изборни цели, истакна претседателот на УПОЗ.

На новинарско прашање околу тоа дека администрацијата се користи за партиски цели и, како што се наведува, не ја врши соодветно својата функција, Грујовски нагласи дека јавната администрација и пред и по избори е удар на партиите од едната и другата страна.

– Јас како претседател на Синдикатот на УПОЗ мислам дека пред околу осум години кажав дека работата во јавната администрација е исто стресна како и многу други професии, меѓутоа некои веројатно не го сфаќаат тоа и мислат дека денес е привилегија да се работи во јавната администрација. Да, ако се седи и ако не се работи, меѓутоа ако професионално се исполнуваат обврските, сметам дека воопшто не е привилегија, посочи тој.

Запрашан што ќе преземе Синдикатот во врска со однесувањето на Трипуновски, претседателот на УПОЗ наведе дека не можат ништо да преземат.

– Доколку овој процес продолжи, ќе видиме преку институциите на системот. Поднесена е колку што знам кривична пријава. Се надевам дека ова ќе биде опомена за него и дека нема да продолжи со вакви работи, бидејќи ова е навистина непримерно однесување, рече Грујовски.

Имено, во петокот Трипуноски објави видео на неговиот официјален фејсбук-профил, именувано „Вонредна посета и контрола на ПЕ Берово“.

За видеото вчера реагираа и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и од Министерството за информатичко општество и администрација.

Од МЗШВ се оградија за однесувањето на Трипуновски, нагласувајќи дека тоа не е практика на функционирањето на Министерството, туку е личен акт на Трипуновски, со кој не се согласуваат.

МИОА соопштија дека го осудуваат секој обид за злоупотреба и мобинг на администрацијата. см/мс/

Back to top button
Close
Close