0_Web_Актуелно0_Македонија.ПорталВидео изјаваОпштество

Симпозиум на ФОН: Образованието клучно за глобалниот мир и одржливиот развој

Образованието да биде апсолутен приоритет на сите политички агенди, а не само кога се одбележува неговиот меѓународен ден. Една од улогите на образованието некогаш и денес е што суштествено придонесува за мирот и развојот, две работи кои не одат една без друга, порача претседателот Стево Пендаровски на симпозиумот „Улогата на образованието во зачувување на глобалниот мир и одржливиот развој“ кој денеска го организираше Универзитетот ФОН. 

Скопје, 24 јануари 2020 (МИА) – Образованието да биде апсолутен приоритет на сите политички агенди, а не само кога се одбележува неговиот меѓународен ден. Една од улогите на образованието некогаш и денес е што суштествено придонесува за мирот и развојот, две работи кои не одат една без друга, порача претседателот Стево Пендаровски на симпозиумот „Улогата на образованието во зачувување на глобалниот мир и одржливиот развој“ кој денеска го организираше Универзитетот ФОН.

Од позиција на универзитетски професор рече дека за него има лично значење меѓународниот ден на образованието, кој Генералното собрание на ОН го востанови минатата година, нагласувајќи дека правото на образование е основно човеково право.

-За жал, според податоците на ОН, околу 265 милиони деца и возрасни немаат пристап или не го комплетираат своето основно образование. Тоа значи зголемување на неписменоста, на сиромаштијата, на родовата нееднаквост. На глобално ниво треба уште многу да се работи за да се овозможи непречен пристап до образованието на секој дел од Земјината топка. Бегалските и мигрантските кризи дополнително ја влошуваат ситуацијата и бараат одговорно лидерство за справување со овој проблем, рече Пендаровски, апелирајќи секој според можностите да преземе одговорност и да работи на подобрување на квалитетот на образованието.

ФОН со денешниот симпозиум го промовираше својот Одбор за доверба (Board of Trustees), меѓународно советодавно тело составено од 31 член, поранешни и сегашни политичари, професори, нобеловци и претставници на светски организации. Во своите говори тие се осврнаа на предизвиците на обраозованието денес и дека важни прашања на меѓународната политика и макроекономијата од кои зависи одржиливиот развој се инклузивниот раст, подобрување на еднаквоста и заштитата на животната средина.

Проф. Чарлс Гудхарт од Лондонската школа за економија и поранешен советник на Банката на Англија, рече дека важно прашање во глобализацијата е демографијата и дека човечкиот капитал и внесувањето на Африка во развојот ќе биде предизвикот во следните четири-пет децении.

Според проф. д-р Едвард Нел, професор на Њу скул Њујорк и од Фондацијата „Џон Брадемас“, светот живее во опасен политички период поради пораст на авторитарни ликови кои, како што рече, во голема мера се вклучени во судир на идентитети. Тоа е спротивно на принципите на хуманото образование кое треба да покаже дека учиме едни од други и да промовира мир и просперитет.

Со видеопорака се обрати Федерико Мајор Сарагоса, поранешен директор на УНЕСКО и претседавач на Европскиот совет за истражување, претседател на Фондација за култура и мир. Зборувајќи за недоволната солидарност, рече дека некои размислуваат само за ползата од нивната инвестиција, додека луѓе, најмногу деца под 5 години, умираат од глад, а целото човештвото се соочува и климатски катастрофи.

-Мора да се менува начинот на живот зашто неповратноста е веќе реалност. Од кога било е важна улогата на универзитетите да одговорат со реакција, додаде Сарагоса.

На отворањето на симпозиумот се обрати и претседателот на СДСМ Зоран Заев кој истакна дека растот и развојот се возможни преку солидарност и пријателства, но се невозможни без образованието.

-Затоа што образованието е водечка сила во одржувањето на светскиот мир и во обезбедувањето одржлив развој во секој регион и во секоја нација во светот… Ние сакаме да учиме, сакаме да го искористиме вашето знаење и искуство и да го примениме тука, во нашата мала земја, која е сега пријател со сите и нема отворени билатерални прашања. Ние сме добар пример за привлекување и применување на европските вредности и најдобрите искуства, рече Заев.

Сопственикот на ФОН Сефер Цановски и ректорот Нано Ружин им ги доделија признанијата за почесни професори и доктори на науки на Универзитетот на 13 членови од Одборот што денеска присуствуваа на симпозиумот. Постхумни признанија „доктор хонорис кауза“ ФОН им додели на Бутрос Бутрос Гали, Џон Брадемас и Борис Трајковски. хс/са/

Posted by MИА.mk on Петок, 24 јануари 2020

 

 

 

Back to top button
Close
Close