0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderМИА ИстражуваПолитикаТема

Што содржи нацрт преговарачката рамка на ЕУ со Северна Македонија?

МИА дојде до комплетниот предлог документ на Европската Комисија доставен до Советот на ЕУ, со кој се поставуваат начелата на преговорите кои треба да бидат отворени до крајот на оваа година, јави дописничката на МИА од Брисел.

Брисел, 2 јуни 2020 (МИА) – МИА дојде до комплетниот предлог документ на Европската Комисија доставен до Советот на ЕУ со кој се поставуваат начелата на преговорите кои треба да бидат отворени до крајот на оваа година, јави дописничката на МИА од Брисел.

Од политички аспект е впечатливо дека предлог рамката на Европската Комисија јасно го користи терминот македонски јазик, во делот во кој се истакнува дека целото ЕУ законодавство ќе треба да биде преведено на јазикот на земјата преговарач, во случајов македонски.

 

Впрочем Северна Македонија веќе со години има акредитирани преведувачи на и од македонски јазик, акредитација што официјално ја издава Европската Комисија, па така кога премиерот Зоран Заев се обрати на македонски на пленарна седница во Европскиот Парламент, се употреби и тогаш официјално македонски јазик. Слично беше и за време на техничките скрининзи минатата година.

 

 

За македонската страна ова претставува потврда дека јазикот се признава од страна на Европската Комисија, но официјален јазик на ЕУ ќе може да стане само откако Северна Македонија ќе стане полноправна членка на Унијата, како што предвидуваат повелбите на Унијата.

Но, преговарачката рамка содржи и други важни елементи.

Северна Македонија, заедно со Албанија, ќе бидат првите земји што ќе преговараат согласно новата методологија на Европската Унија усвоена во март. Конкретно, тоа значи дека наместо отворање и затворање на триесеттина поглавја, сега тие се групирани во шест кластери, метод кој, се надева Европската Комисија, ќе овозможи побрз и подинамичен процес, наместо досегашните долги и макотрпни процедури низ кои минуваат Подгорица и Белград со години.

-Преговорите се отвораат врз основа на тоа дека Северна Македонија исполни висок степен на усогласување со критериумите за членство, посебно политичките критериуми поставени во Копенхаген од страна на Европскиот Совет во 1993 (…) Унијата очекува Северна Македонија да продолжи да работи кон целосно почитување на овие критериуми и услови и да обезбеди целосна имплементација на клучните реформи и законодавство, стои во предлог преговарачката рамка на ЕК.

Северна Македонија, која од 2009 има препорака за отворање на преговорите со ЕУ, технички одамна работи на преточување на ЕУ законодавството во националната рамка, но со години блокадата доаѓаше од спорот со Грција. Решавањето на овој спор несомнено одигра клучна улога во добивањето на зелено светло за старт на преговорите во март оваа година.

Впрочем, добрососедските спогодби со Грција, а и со Бугарија, се исто така централен дел од овој предлог преговарачка рамка.

Како и во речиси секој документ од ЕУ, од Северна Македонија се очекува целосна посветеност на добрососедските односи, односно имплементација на Преспанскиот договор и на Договорот за добрососедски односи со Бугарија. Оттука, секој обид да се ревидираат или да не се почитуваат овие договори ќе значи враќање назад и блокада на ЕУ перспективата за Северна Македонија. Иако ЕУ не се меша во билатералните односи, јасно е дека очекува од сите страни во пријателски и конструктивен европски дух да ги надминат сите разлики, што до сега Северна Македонија докажа дека е способна да го реализира.

Важно е да се напомене дека оваа преговарачка рамка, како резултат на новата методологија подразбира и можност во секое време да се запре процесот на преговори доколку земјата покаже застој или назадување во исполнувањето на реформите.

-Предвидливоста на пристапниот процес бара одлучни и пропорционални мерки што ќе ги санкционираат сите сериозни или продолжени стагнација и назадувања во имплементација на реформите, стои во документот, како јасно предупредување до новите земји преговарачи дека треба по секоја цена да се избегнат искуства како она со Србија, каде растечкиот авторитаризам на власта доведе до забавување на процесот.

Доколку Комисијата преку сопствена иницијатива или на барање на доволен број земји членки оцени дека Северна Македонија не напредува или назадува во реформите, таа може да предложи суспензија на преговорите. Крајната одлука ја носат земјите членки преку гласање со обратно квалификувано мнозинство, и само откако ќе ги слушнат аргументите на земјата и само откако ќе се истрошат сите други можности за враќање на правиот колосек.

Суспензија на преговорите може да има доколку се констатира конзистентен застој или назадување во најважните поглавја како владеењето на правото и правдата.

 Со новата методологија на појасен и поедноставен начин ќе може да се врши овој надзор врз земјите кандидати. Тука важна улога ќе одигра внесувањето на политичка димензија во преговорите преку инволвирањето на земјите членки на ЕУ.

-Земјите членки систематски ќе придонесуваат кон пристапниот процес, вклучително преку мониторинг на терен на своите експерти, преку директен придонес за годишните извештаи и преку секторска експертиза.

Што се очекува од Северна Македонија?

Нацрт рамката за преговори на Европската Комисија сега ќе треба да биде одобрена и евентуално модифицирана во одредени делови доколку за тоа има консензус помеѓу сите 27 земји членки на ЕУ. Но, она што е важно за Северна Македонија е дека и таа треба да подготви своја преговарачка рамка. Преговорите со ЕУ не претставуваат штиклирање на закони, туку до одредена мера и битка со ЕУ за заштита на клучни економски, социјални и други национални интереси.

Првиот чекор сега откако се преговарачките рамки влезени во процедура е Северна Македонија да изготви патоказ за поглавјата поврзани за владеењето на правото, поглавјата 23 и 24. Овој кластер на поглавја мора прв да биде отворен и ниту еден друг не може да биде отворен пред овој.

-Напредокот во фундаменталниот кластер ќе го одреди целокупниот ритам на преговорите и ќе биде земен предвид во одлуката за отворање и затворање на нови поглавја и кластери.

Европската Комисија очекува од македонските власти сега да го усвојат патоказот за овие преговарачки поглавја, во кои мора да фигурираат клучните реформски приоритети и според кој ќе се водат преговорите во овие поглавја. Имплементацијата на овој патоказ ќе биде под постојан мониторинг од страна на ЕУ на секоја од меѓувладините конференции.

Освен патоказот за владеење на правото, Северна Македонија треба да изготви и патоказ за функционирањето на демократските институции и реформата на јавната администрацијата, другиот суштински елемент од преговорите со ЕУ.

Тука се очекува Северна Македонија да поднесе јасен роковник и кои се главните чекори што планира да ги преземе за исполнување на критериумите. Како и со владеењето на правото, демократските институции и јавната администрација ќе бидат под постојан надзор на ЕУ.

Следни чекори

Откако Советот ќе ја усвои рамката за преговори, Северна Македонија ќе помине низ процес на билатерален скрининг, кој треба да е значително пократок од претходните земји кандидати, бидејќи техничкиот скрининг заврши минатата година. Овој скрининг, за разлика од техничкиот, е интерактивен, ЕУ ја информира Северна Македонија до каде е ЕУ законодавство во секоја област, како се развива и менува и се идентификуваат клучните теми кои ќе бидат дел од самите преговори. Овој крајно технички дел овозможува подобра подготвеност и одредување на таканаречените “бенчмаркс“ или одредници врз основа на кои се носи одлуката за отворање на кластер на поглавја.

По исполнувањето на одредниците следуваат преговорите по кластери, односно отворање на сите поглавја од еден кластер наеднаш, за разлика од досегашното отворање поглавје по поглавје.

Европската Комисија бара рокот помеѓу отворање на еден кластер и затворањето на поглавјата од кластерот да не биде повеќе од една година, ако е возможно, и целосно во зависност од напредокот на земјата преговарач.

Северна Македонија ќе треба јасно да ја изрази својата позиција во однос на ЕУ законодавството и да известува за својот напредок во исполнувањето на одредниците. Брзината на исполнување на критериумите и проактивноста на земјата преговарач треба да е единственото мерило на брзината на преговорите и нивното завршување.

Преговорите ќе се водат главно на министерско ниво, со помош на работни групи, а политичкиот импулс ќе ги даваат Меѓувладините конференции, каде ЕУ и Северна Македонија се застапени на највисоко ниво.

Според нацрт агендата на германското претседателство кое ќе раководи со главните министерски состаноци на ЕУ во наредните шест месеци, и пред сѐ со Советот за општи работи, каде се одлучува за проширувањето, преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија ќе бидат на дневен ред на 10 ноември.

До тогаш двете страни, ЕУ и Северна Македонија, треба да ги подготват на најдобар начин своите преговарачки позиции.  Доколку Советот даде зелено светло за Северна Македонија на 10 ноември, може да се очекува првата меѓувладина конференција, со која се означува формалното отворање на преговорите со ЕУ, да се одржи во текот на декември оваа година.

 Тања Милевска

Back to top button
Close
Close