0_Web_АктуелноДописници МКДОпштествоОпштински вести

Штипската модуларна болница почнa со прием на пациентите од истокот

Модуларната болница во Штип со 47 кревети од попладнево се пушта во употреба, директорот на Клиничка болница - Штип, Ален Ѓеорѓијев вели дека во овој објект ќе се сместат пациентите, кои се во тешка здравствена состојба и на кои им е потребна постојана кислородна подрршка, додека на Инфективното одделение ќе останат пациентите, кои се со средна клиничка слика и на кои не им е потребна постојана кислородна поддршка. Ѓеорѓијев забележува дека овој пролетен бран е многу потежок од есенскиот и го нарече цунами, бидејќи на болничко лекување се јавуваат и млади пациенти на возраст од 23 години.

Штип, 1 април 2021 (МИА) – Модуларната болница во Штип со 47 кревети од попладнево се пушта во употреба. Директорот на Клиничка болница – Штип, Ален Ѓеорѓијев вели дека во овој објект ќе се сместат пациентите, кои се во тешка здравствена состојба и на кои им е потребна постојана кислородна подрршка, додека на Инфективното одделение ќе останат пациентите, кои се со средна клиничка слика и на кои не им е потребна постојана кислородна поддршка.
Ѓеорѓијев забележува дека овој пролетен бран е многу потежок од есенскиот и го нарече цунами, бидејќи на болничко лекување се јавуваат и млади пациенти на возраст од 23 години.
-Само за илустрација, ако во есенскиот бран имавме по 500 литри потрошен кислород, во текот на еден ден, овие денови дојдовме до бројката од 800 литри на кислород потрошен на ден. Значи имаме голема потреба од кислород, имаме многу потешки пациенти, а во моментов имаме и дури 45 на кои им е потребна кислородна поддршка и да упатам апел, граѓаните навистина да ги почитуваат мерките, вели Ѓеорѓијев.
Ако продолжи трошењето на кислород со оваа динамика, штипската болница очекува до крајот на месецот за пациентите да се искористат 25 тони, што според Ѓеорѓијев е навистина страшно и доволно говори за состојбата на пациентите. Забележува дека ако болницата има 400 болнички кревети 20 отсто од нив се за лекување на ковид пациентите.
Началничката на Инфективно одделение-Штип, Дијана Гајдарџиска-Шишкова вели дека планирано е со отварањето на модуларната болница и тоа попладнево пациентите на кои им е потребно болничко лекување да бидат сместени во новиот објект и на Инфективно, а во моментов четири одделенија се дел од Ковид центарот.
-Во овој објект ќе имаме предност и олеснување за нашите болничари, а секако за сестрите и докторите, кои бевме принудени самите да ги носиме боците на Инфективно, а се со цел да нема пациент, кој нема да има кислород. Можам да ви пренесам дека вистински е страшна сликата, најголем број од пациентите се зависни од многу високи дози на кислород, кои мора да се покријат. Возрасната граница се намалува, еве сега имаме пациенти на 23,27, 33 годишна возраст, кои имаат зависност и потреба од кислород, многу ниски сатурации, со тешки и масивни бронхопневмонии, вели Шишкова.
Посочува дека пациентите кај нив доаѓаат во исклучителна тешка здравствена состојба, а тоа е резулатат на нивните личните проценки, на некои од семејството, а не врз основа на стручното мислење на лекарите. Затоа и голем дел од пациентите доаѓаат во тешка состојба. Пациентите во овој пролетен бран, кои се заразени со британскиот сој во ковид центрите доаѓаат со високи темпеартури кои траат и над десет дена, со надразителни и суви кашлици и како што вели Шишкова сепак со потешки клинички слики.
-Доаѓаат со сатурации, 50, 60, 70. Тоа зборува колку луѓе чекаат дома да им се подобри
состојбата, иако се чувствуваат дека им е тешко, осеќаат замор при одење во тоалет, имаат високи температури, имаат глад за воздух, немаат никаков апетит, а седат дома и чекаат самите да им помине болеста, рече Шишкова.
Пред седум дена имале и родилка која е породена со царски рез, поради позитивен тест веднаш е изолирана.
Градоначалникот на Општина Штип, Сашко Николов вели дека нивна обврска била да го приклучат објектот на водовод и канализациона мрежа и да направат пристап до објектот. Николов, кој е и интервент кардиолог во штипската Клиничка болница вели дека светското иевропското Здружение на кардиолози во април минатата година е донесен заклучок дека постковид пациентите изобилуваат со миокардни инфаркти, инфаркти на екстремитетите, мозочни и на белите дробови.
-За жал се уште ги имаме активни и присутни тешките компликации од ковид инфекцијата.  Меѓутоа заедно со кардиолошкиот, инфектолошкиот и анестезиолошкиот, интернистичките здруженија во светот и низ Европа се донесени заеднички ставови во однос на профилактичкото делување на таа антокоагулална терапија која се дава на пациентите, кои се дава додека се хоспитализирани и по месец до два, по што инциденцата на белодробните инфаркти е значително намалена од почетокот на самата пандемија. Ако сме имале годишно 30 белодробни инфаркти, правта година 2020 година до мај, јуни имавме месечно по 15 до 20, што беше драстично зголемување, но со профилактичната терапија, која сега ја даваат лекарите таа бројка значително е намалена, вели Николов.
Во штипскиот Ковид центар работат инфектолозите, анестезиолозите, а побарано е и да се вклучат и интернистите. Досега ниту еден лекар специјалист од приватниот сектор не се јавил за да помогне при третманот на пациентите, па битката ја бијат лекарите специјалисти од болницата во Штип и специјализантите. вдј/ки/

Таг
Back to top button
Close
Close