Дописници МКДОпштински вести

Шести протест против поскапувањето на струјата во Гостивар

Со краток марш и протестен собир пред седиштето на ХЕЦ Маврово, група гостиварци искажа незадоволство против одлуката за поскапување на струјата. Организаторите на протестот, навивачката група „Кастриоти“, шестиот протест го започнаа од корисничко енергетскиот центар Гостивар на ЕВН.

Гостивар, 11 септември 2020 (МИА) – Со краток марш и протестен собир пред седиштето на ХЕЦ Маврово, група гостиварци искажа незадоволство против одлуката за поскапување на струјата. Организаторите на протестот, навивачката група „Кастриоти“, шестиот протест го започнаа од корисничко енергетскиот центар Гостивар на ЕВН.

На протестниот собир пред дирекцијата на Хец Маврово во Гостивар беа прочитани барањата: Регулаторната комисија за енергетика да ја поништи одлуката за зголемување на цената на електричната енергија за 7,4 проценти, да се намали цената на електричната енергија за 20 проценти, а од Владата се бара да го намали ДДВ-то на енергијата од 18 на 5 проценти и да го прекине монополот на приватната компанија ЕВН.

Од организацискиот одбор што ги организира протестите бараат од РКЕ и Владата да ги сфатат протестите сериозно и најскоро време да се најде најдобро можно решение.

– Во спротивно, не ни преостанува ништо друго освен да покажеме граѓанска непослушност. Не нè присилувајте да ја повториме 2001 година. Но, не со вооружен конфликт туку со неплаќање на сметките, рече Сали Јонузи на собирот. Тој нагласи дека било неприфатливо да се плаќа највисока цена на струјата во регионот, а да се има најниски плати.

Собирот и двата објекти беа обезбедувани со засилени полициски сили и помина без инциденти. Собирот го окарактеризира и еден невообичаен момент. Неколку деца, на полицајците во кордонот кои беа со штитници им подадоа по еден цвет во знак на добра волја и порака за ненасилство. згм/ир

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close